Средба на министерот Фазлиу со претставничката на УНДП Луиза Винтон

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска оствари средба со постојаната претставничка на УНДП во Република Македонија Луиза Винтон, на која разговарале за приоритетите на Министерството што произлегуваат од програмата на новата Влада, како и за подготвеноста на УНДП за поддршка на проектите за подобро управување на локално ниво.

Министерот Фазлиу и претставничката на УНДП Луиза Винтон, како што информираат од Министерството, учествувале на отворањето на Форумот за подобрување на услугите за лицата со посебни потреби.

Според Фазлиу сите граѓани имаат право на еднакви јавни услуги и институциите постојат за да ги обезбедат тие услови.

– Сегашната јасно изразена огромна разлика во капацитетите на општините не гарантира еднаков пристап на граѓаните кон образование, здравство, инфраструктура или административни услуги. Нашите сограѓани со посебни потреби имаат потреба од еднакви можности за пристап до јавните услуги. Ниту повеќе ниту помалку, туку еднакво како и сите други. Тоа значи дека е потребна поголема свесност за нивните потреби која ќе ја пoстигнеме само со нивно вклучување во сите јавни сфери на живеење, рече министерот Фазлиу.

Форумот е организиран од страна на УНДП со учество на невладини организации и претставници на општините.