Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески присуствува на состанокот на министри и директори за млади во рамки на Европската конференција за структурен дијалог, која од 21-ви март до денеска се одржува во Малта, во рамки на претседавањето на Малта со Советот на Европска унија.

Конференција, како што соопшти АМС, е еден од најважните настани кои се одвиваат на европско ниво за младинските политики, а овозможува дискусија за планирањето и имплементацијата на младинските политики на европско ниво, со особен акцент на структурниот дијалог меѓу младите луѓе и носителите на одлуки.

Низ повеќе работилници и тркалезни маси, министрите и директорите за млади од Европа дебатирале за предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе и кои се клучните приоритети кои треба да ги опфати новата Стратегија за млади на европско ниво.

На состанокот Спасески ги презентирал македонските искуства од креирањето на Националната стратегија за млади 2016-2025, истакнувајќи дека оваа стратегија е резултат на инклузивен процес во кој младите луѓе заеднички со институциите креираа документ кој ќе ја подобри нивната состојба во општеството, но и ќе овозможи имплементација на мерки и активности за младите луѓе во Република Македонија. Тој посочил дека овој документ е во корелација со важните стратешки документи за млади на национално, но и европско ниво.

Спасески на билатерални средби со своите колеги од регионот и од останатите европски држави дискутирал за прашања кои се од заеднички интерес на државите и институциите одговорни за младински политики.

На овогодинешниот настан, присуствуваше и младинскиот претставник Филип Радевски, кој беше избран на јавниот повик објавен од страна на Агенцијата за млади и спорт.