Почитувани,
Во врска со средбата која Обединетата Македонска Дијаспора предводена од Мето Колоски ја
оствари со Владината делегација на чело со Зоран Заев и Никола Димитров во Њујорк,
Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:
Добро е што Владината делегација за време на присуството на Генералното Собрание на ООН во
својата агенда предвидела средба со ОМД. Премиерот Зоран Заев и Министерот Никола
Димитров треба да ги слушнат изворно ставовите на Македонската Дијаспора за многу прашања,
а особено сериозните забелешки за Законот за двојазичност, Договорот со Бугарија, како и
останатите избрзани и сервилни потези на надворешната политика. Затоа, наместо да се прават
обиди за формирање на нови мали здруженија на Македонската Дијаспора, наводно блиски до
нив, мора почесто да ги слушаат и да се среќаваат со вистинските, изворни претставници на
бројната Македонска заедница.
Македонската Алијанса го поздравува ставот на ОМД дека Македонија треба да стане членка во
ЕУ и НАТО Алијансата без да се чепка во Македонскиот идентитет. Ставовите на ОМД дека
Бугарија мора да признае постоењето на Македонците кај нив, исто така се исправни и се на
линија на нашите програмски определби. Сепак, нашиот впечаток е дека и оваа средба е чиста
формалност која многу повеќе има за цел да покаже некаква фиктивен интерес за Македонската
Дијаспора отколку нешто суштински да промени.
Имено, додека ОМД се среќаваше со Владината делегација во Њујорк, во Македонија, Радмила
Шекеринска на ниво на Министри за одбрана, беше домаќин на Красимир Каракачанов, кој иако
на 2-ри август беше пречекан со високи Државни почести, еден ден после потпишувањето на
Договор со Бугарија, во интервју за Бугарската национална телевизија, среде Скопје изјави дека
Гоце Делчев и Даме Груев биле Бугари, а Илинден Бугарски празник. Уште тогаш, во името на
Македонска Алијанса побаравме од Владата на Зоран Заев да ја осудат провокацијата на и да
побараат од Бугарскиот Премиер Бојко Борисов веднаш да се огради од ваквиот став на неговиот
Министер за одбрана. Побаравме од Никола Димитров да го прогласи за "персона нон грата" за
да ги заштити национални интереси, бидејќи веднаш по потпишувањето Каракачанов го прекрши
фамозниот Договор за добрососедство со Бугарија. Не само што актуелната Влада остана глува на
нашите барања, туку и вчерашниот став на Каракачанов е доказ дека Бугарија никогаш нема да го
признае Македонскиот идентитет и да ги почитува пресудите на Европскиот Суд за човекови
права.
Не е точно тврдењето на Зоран Заев дека Законот за двојазичност нема да задира во Уставот.
Одамна предупредивме дека Албанскиот политички фактор со ваквите радикални барања
всушност го загрозува Македонскиот идентитет со внатрешен атак. Евентуалното изгласување на
овој скандалозен предлог на Владата, ќе и олесни на официјална Атина да ни го зададе послениот
удар. Особено што додека во Собранието на Република Македонија се легализира политичкиот
терор на едно малцинство врз целиот Македонски народ и се расправа за воведување на
двојазичност на целата територија на Татковината, двојазични ознаки на полицијата,
пожарникарите и здравствените работници, без да се спроведе законски попис, единствениот
Македонски Градоначалник во Пустец, Република Албанија, Едмонд Темелко, не може да ги
брани интересите на своите браќа и сестри Македонци, бидејќи му е одземен пасошот.
Истовремено, Албанските политички фактори во Македонија никогаш во изминативе 26 години не
побараа од ниту една Албанската Влада да го признае Уставното име на Република Македонија.
Владата на Зоран Заев и Никола Димитров треба да го слушнат автентичниот глас на
Македонската Дијаспора. Оние луѓе патриоти кои со децении пожртвувано работеа на
независноста на Република Македонија, на признавањето на Уставното име од САД, онаа
Дијаспора која никогаш не си ги заборави корените и се уште посветено работи на заштита на
Македонскиот национален идентитет и светото вековно име Македонија.
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски