Соопштение за јавност за средбата Коsиас – Нимиц во Брисел

Во врска со вчерашната средба во Брисел меѓу Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коsиас и медијаторот на ООН за спорот за името, Метју Нимиц, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

 

Грчките власти продолжуваат со својата политика на две лица. Едното за внатрешна, другото за надворешна употреба. Сепак, и двете страни на нивната политика има заеднички именител, како Македонскиот народ да биде притиснат да се откаже од името и идентитетот по нивни – Грчки терк. Кога се дома, сите највисоки Грчки претставници се закануваат на Македонија и се тркаат меѓу себе кој е порадикален, кога се надвор, не обвинуваат за иредентизам и фалсификување на историјата, паралелно продавајќи ја нивната лажна конструктивност со алиби мерките за градење доверба.

 

Вчерашната Бриселска средба, како и претходната трилатерала во Солун, имаше една цел, да се повторат тврдите, црвени линии на Грчките власти по прашањето на името, за кои постои национален консензус кај нашиот јужен сосед. Се разбира, наивно е да се премолчи суровата вистина дека и соседна Бугарија и Србија даваат поддршка на ставот на официјална Атина.

 

Клучното прашање во овој тежок период за Македонија е што правиме ние внатре и како се однесуваат најодговорните политички фактори во нашата Татковина? Зарем се уште не ни е јасно дека Македонија е нападната од сите страни? Долготрајната политичка криза создаде предуслови соседите да ги испорачаат своите услови или уцени. Од „Тиранска платформа“ од чие исполнување зависи векот на новата Влада, преку Договор за добрососедство со Бугарија склучен по секоја цена, набрзина и тајно, шизофрени ставови на Србија и каење што не признале под Уставно име, до тезите на Грција дека меѓународната заедница многу не има разгалено.

 

А ние внатре, како хипнотизирани продолжуваме да си ги вадиме очите, притоа заборавајќи што е основна должност на секој избран претставник на народот. ВМРО ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат да се обвинуваат меѓу себе, кој колку трошел, колку изел, колку вработил или отпуштил, кој колку украл и зграбил од народот, небаре самите се ревизори, обвинители или судии. Притоа, целосно се глуви на сите апели, како најодговорни политички фактори, да изградат консензус за националните прашања.

 

Македонската Алијанса ги повикува ВМРО ДПМНЕ и СДСМ да прифатат итни измени во законодавството со кои освен казните за евентуално сторен криминал и корупција при обавување на Државна функција, ќе се воведе доживотна забрана за занимавање со политика за сите оние за кои ќе има правосилна судска пресуда. Така, меѓусебните обвинувања од забава за народ ќе станат исклучива надлежност на правосудните органи кои низ транспарентна, неселективна и праведна постапка ќе ги расчистат сите сомневања. Конечно, кој крадел ќе си одговора, без разлика каква функција обавувал. Македонија не може да биде заложник на нечија опсесија да се врати или подолго да се задржи на власт.

 

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ треба веднаш храбро и без комлекси заеднички да ги осудат сите провокации на соседите и нивните обиди за мешање во внатрешните работи на Македонија. Истовремено, веднаш да се донесе одлука за замрзнување на разговорите за таканаречените мерки за доверба со Грција се додека Премиерот Алексис Ципрас не се огради и извини за провокациите на Павлопулос, Каменос и Коsиас кои во секоја прилика ја напаѓаат Македонија по сите основи.

 

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ да се усогласат дека нема што понатаму да се исполнува како услов, се додека нашите меѓународни сојузници не обезбедат спроведување на пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг и брз влез на Македонија во НАТО Алијансата согласно Времената Спогодба, која Грција ја прекрши со ветото во Букурешт во 2008 и за тоа е осудена со правосилна пресуда на меѓународен Суд. Ако се бара од нас да ги почитуваме меѓународните стандарди, тогаш е логично, без понатамошно одлагање Македонија да добие потврда дека меѓународната заедница нема и понатаму да им прогледува низ прсти на Грчките закани, блокади и нерационални позиции кои брутално ги газат базичните принципи и норми на кои почиваат ЕУ и НАТО, а со тоа прави дрска злоупотреба на правата кои произлегуваат од членството во овие сојузи.

 

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ треба неодложно да ги расчистат сите дилеми со кои се соочува нашиот народ во Татковината и надвор од нејзините граници. Веднаш да ги надминат личните и тесно партиски интереси и да изградат национален консензус кој ќе значи дека дека без разлика на сложените внатрешни политички односи, без разлика кој е на власт, ниту една политичка партија, ниту еден лидер или политичар во Татковината никогаш нема да се согласи да преговара или разговара за промена или откажување од Македонскиот национален идентитет и свето име.

 

Ако ВМРО ДПМНЕ и СДСМ не можат ова да му го испорачаат на сопствениот народ тогаш нека си заминат од политичката сцена и да им остават простор на оние на кои им се поважни сигурната иднина и стратешките интереси на Македонскиот народ и Држава од фотељите и гола власт.

 

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                         Ѓорѓија Џорџ Атанасоски