Почитувани,

 

Во врска со протестот на Златна Зора во Солун, средбата во Атина на Румен Радев и Прокопис Павлопулос, интервјуто на Министерската за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева за нивната национална телевизија БТВ, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

 

Македонската Алијанса уште еднаш повикува на внатрешно Македонско национално единство за прашањата од витален интерес. Најодговорните Македонски политички партии во Татковината, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, во овој чувствителен период за нашата заедничка Држава мора да најдат заеднички јазик и конечно да изградат национален консензус за одбрана на Уставното име и Македонскиот национален идентитет.

 

Во името на Македонската Дијаспора, ги повикуваме сите активни општествени чинители, а особено медиумите, да се воздржуваат од креирање пристрасни вести, кои заради задоволување на една или друга страна, ни ја замаглуваат реалноста. Не е нормално еден медиум во Македонија да објави дека Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева во интервју за БТВ изјавила дека Бугарија го признава Македонскиот јазик, а друг медиум за истото интервју да објави дека Захариева изјавила нешто сосема обратно, дека ги смета Светите браќа Кирил и Методиј за Бугари. Што е вистина и зошто си правиме самите на себе штета?

 

Македонскиот народ не заборава и знае дека само пред еден месец истата Захариева по повод празникот Свети Кирил и Методиј, остро се спротистави на историскиот факт дека дека Кирил и Методиј се Македонци, кои на Словенските народи им ја овозможија азбуката и писменоста и благодарение токму на нив милиони луѓе се служат со кирилицата, изразувајќи благодарност за нивниот лик и дело, славејќи го 24 мај. Министерката за надворешни работи на Бугарија и тогаш скандалозно и провокативно тврдеше дека Кирил и Методиј се Бугари и не можат да бидат ништо друго.

 

Додека некој во Македонија со денови ја оценува посетата на Владата на Зоран Заев на Бугарија за историска и ја слави, веднаш по неа, во Атина, Претседателот на Бугарија Румен Радев, заедно со неговиот колега Прокопис Павлопулос, побрзаа да ни порачаат дека ако сакаме во ЕУ и НАТО треба заемно да ја почитуваме историјата и да градиме добрососедски односи.

 

Вчера во Солун на протест после 4 години забрана повторно се активираа Грчките ултра радикали од „Златна зора“ кои заедно со нивните пратеници Сотирија Влаху и Јанис Лагос скандираа „Македонија е Грчка“ јавно предупредувајќи го Министерот за надворешни работи Никос Коsиас да не го распродава името Македонија.

 

Ние одамна предупредуваме дека внатрешната политичка криза не беше случајност и дека постои сериозна опасност нашите внатрешни слабости да бидат злоупотребени за уште поголем притисок да се откажеме од најсветото Уставно име и Македонски национален идентитет. Затоа, воопшто не е случајно што Македонија се повеќе е високо на агендата во регионот и пошироко, и повторно станува цел на одредени структури кои трпеливо ја чекаат својата шанса.

 

Македонската Алијанса секогаш ќе се залага за добрососедски односи, но врз принципиелни основи кои ќе значат взаемно почитување и признавање на историските факти.  Затоа, договорот за добрососедски односи со Бугарија, далеку пред евентуално да се потпише, заедно со сите детали мора да биде предмет на широка дебата. Таков договор ќе има смисла само ако јасно и недвосмислено ги признава од страна на Бугарија неспорните историски факти, постоењето на Македонскиот јазик и народ, постоењето на Македонци на нивна територија и почитување на пресудите на Европскиот Суд за човекови права што ќе резултира со итно овозможување на регистрацијата на ОМО Илинден – Пирин.

 

Секаква друга „конструктивност“ од Македонска страна, тргнувајќи со некакви авто – деструктивни тези дека со историјата треба да се бават историчарите и затоа треба да попуштиме и да се согласиме со некаква формулација „официјален јазик определен во Уставот на Република Македонија“ која ќе биде вметната во Договорот со Бугарија, ќе си пукаме самите во нога и ќе и пружиме шанса на официјална Атина да ни го зададе последниот удар со решение на спорот за името по нивни терк.

 

Уште еднаш повикуваме на разум и внимателност во потезите. На Татковината сега не и треба еуфорија туку национално единство. Оние кои евентуално заради лични и партиски интереси ќе покажат дека функциите им се поважни од иднината на Македонија, да бидат сигурни дека секој обид за велепредавство ќе биде препознаен и жестоко казнет од Македонскиот народ.

 

 

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                Ѓорѓија Џорџ Атанасоски