Почитувани,

Во врска со денешната посета на Министерката за надворешни работи на Австралија, Џули Бишоп, на Македонија, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следново:

Македонската Алијанса смета дека сега е вистински момент за Владата на Австралија да се одважи и конечно да ја признае Македонија под Уставното име. Тоа треба да биде приоритетно барање на Министерот за надворешни работи Никола Димитров кое треба да го упати на својата колешка Џули Бишоп. Ваквото Македонско барање е сосема логично, бидејќи постојат редица аргументи кои одат во таа насока. Пред една година се оствари средба во Сиднеј, на претставниците на Македонската заедница со министерката за надворешни работи на Австралија, Џули Бишоп, на иницијатива на големиот пријател на Македонија, пратеникот Дејвид Колман, кој во неколку наврати во Австралискиот Парламент го покренува прашањето за признавање на Уставното име на нашата Татковина.

Исто така, во јули 2015, токму при посетата на Македонија, Потпретседателот на Парламентот на Нов Јужен Велс, Фредерик Џон Наил, изрази поддршка за признавање на нашето Уставното име, и ги потврди заложбите за брз прием на Македонија во НАТО Алијансата. Претходно пратениците на Федералниот Парламент на Австралија, Стивен Џонс, Лук Симпкинс и Алана Мектиернан покренаа иницијатива за признавање на Уставното име на Македонија. Во рамки на Австралиската политичка јавност барањата за признавање на Уставното име се активни благодарение на Македонската Дијаспора која неуморно и посветено лобира за остварување на стратешките интереси на Татковината.

Ние сметаме дека е праведно Владата на Австралија да го следи примерот на Соединетите Американски Држави, кои одамна го признаа Уставното име на нашата Татковина. Без разлика на големата и влијателна Грчка дијаспора во САД, нашите стратешки сојузници и пријатели, како постојани членки на Советот за безбедност при ООН, одлучија да го подржат Македонскиот народ.

Најефикасен одговор на сите внатрешни и надворешни притисоци и закани кон Македонскиот национален идентитет, кои се актуелни во овој крајно чувствителен период за нашата Татковина, е признавањето на нашето Уставно име од Австралиската Влада. На Македонија и Македонскиот народ, кој во овој период е цел на повеќе националистички и иредентистички канонади, со кои се оспорува нашата посебност, јазик, историја, култура, неопходни се конкретни акции, чекори и иницијативи, кои ќе потврдат дека Македонија предолго и неправедно се држи надвор од Евроатланските организации.

Македонската Алијанса е длабоко убедена дека највисока патриотска должност за секоја Влада, без разлика од која Македонска партија е предводена, секојдневно да работи на зголемување кругот на наши сојузници кои ќе ги разберат нашите позиции и ќе застанат во одбрана на нашето фундаметално демократско право да бидеме Македонци од нашата Република Македонија.

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски