Почитувани,

 

Во врска со првичните оценки за успешноста на посетата на Бугарија и зголемените очекувања за брзо потпишување на договорот за добрососедски односи како резултат на најавите на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

 

Македонската Алијанса ја поздравува поддршката на Бугарија за единствена Македонија, членка на ЕУ и НАТО Алијансата. Ваквата изјава на Премиерот Бојко Борисов е добар пример за добрососедска политика и унапредување на билатералните односи, која оди во прилог на историскиот факт дека Бугарија прва ја призна Македонија под Уставното име.

 

Сепак, сакаме јавно да предупредиме за леснотијата со која се најавуваат затворање на одредени крупни разлики кои веќе се децении ги компликуваат односите меѓу Македонија и Бугарија. Не може Премиерот Зоран Заев да констатира дека односите меѓу двете земји биле оладени само од политички причини, а во исто време да посочува дека за отворените спорни прашања треба да дебатираат исклучиво историчарите.

 

Прво, официјална Бугарија до сега оспорува голем дел од Македонската историја, упорно тврдејќи дека ние се китиме со туѓи перја, директно алудирајќи дека всушност не постои Македонски јазик, туку само  и единствено официјален јазик на територијата на Република Македонија. Доволно е да се потсетиме на реакцијата на Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, која само пред еден месец, за време на славењето на празникот Свети  Кирил и Методиј, остро се спротистави на историскиот факт дека браќата Кирил и Методиј се Македонци кои на Словенските народи им ја овозможија азбуката и писменоста. Тврдењата дека Македонците и Бугарите се ист народ, дека Скопје и Охрид некогаш биле Бугарски градови, во Бугарската јавност и политика се секојдневие.

 

Второ, речиси сите Бугарски власти, со децении спроведуваат негаторска политика, оспорувајќи го постоењето на Македонци како народ. Бугарија упорно одбива да го регистрира ОМО Илинден Пирин и покрај сите пресуди на Европскиот Суд за човекови права. Ова брутално кршење на принципите на меѓународното право не е дело на Бугарските историчари, туку на националистичката политика на Бугарските партии.

 

Трето, Бугарија упорно спори дека Македонија има право да се грижи за своите браќа и сестри Македонци, кои живеат надвор од постоечките граници. Не само што Бугарија сака да ја фалсификува историјата и да го избрише фактот дека со огромната историска неправда како Букурешкиот Договор, ни е одземена Пиринска Македонија, туку со една перфидна политика се обидува да го оспори постоењето на Македонци и во други Држави. Бугарските Европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, кои се познати по својот негаторски однос кон Македонија со Резолуција во Европскиот Парламент излегоа со тврдење дека во Албанија, во регионите на Преспа, Голо Брдо и Гора живеат Бугари, директно напаѓајќи го Македонскиот национален идентитет, бидејќи општо позната околност е дека таму живеат Македонци.

 

Во таа насока, Македонската Алијанса остро се спротиставуваме на претераната конструктивност на Зоран Заев, за која сме сигурни и убедени дека е штетна за Македонските национални интереси. Сметаме дека  поклонувањето пред провокативниот Бугарски споменик на Цар Самоил, прифаќањето на некаква заедничка историја и заедничко чевствување на Илинден, особено изјавата за менување на Македонските учебници се крајно непотребни гестови кои се понижување за Македонскиот народ и историја.

 

Сакаме уште еднаш да предупредиме дека Новата Влада договори парламентарно мнозинство кое овозможи нивни кадри да станат Државни функционери, да спроведуваат нивни програмски цели за да го подобрат животот на граѓаните, ама во ниту еден случај не добија мандат  евентуално да се раздаваат со најсветото Македонско име и идентитет.  Премиерот Зоран Заев вети дебата за секое прашање и тоа ветување мора да го почитува до крај. Сите елементи од таканаречениот Договор за добрососедски односи со Бугарија  мора да бидат јавни и достапни за дебата на пошироката експертска и политичка Македонска јавност, далеку пред да се направи обид за негово евентуално потпишување.

 

Предупредуваме дека секоја евентуална согласност за некои спорни одредби од  таканаречениот Договор за добрососедски односи со Бугарија, со кои ќе се оспорува посебноста на нашата Македонска култура, јазик и идентитет, ќе значи наше самоуништување, пукање во нога кое ќе ја отвори можноста за официјална Атина да ни го зададе последниот удар.

 

Ниту еден политичар или партија не може да прифаќа и да ветува остварување на нешто што не е, и не може да биде прифатливо за Македонскиот народ. Секој кој ќе тргне контра на ова основно демократско начело, се обиде да стори велепредавство, ќе мора да сноси одговорност за своите неразумни постапки.

 

Македонската Алијанса секогаш ќе се залага за добри соседски односи, но врз принципиелни основи кои ќе значат взаемно почитување и признавање на историските факти. Никогаш нема да дозволиме некој да го оспорува Македонскиот национален идентитет!

 

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                Ѓорѓија Џорџ Атанасоски