Почитувани,

Во врска со медиумските информации дека изминатиот викенд во Софија, во присуство на Министрите за надворешни работи Никола Димитров и Екатерина Захариева, финиширале преговорите помеѓу работните групи на Македонија и Бугарија за деталите од Договорот за добрососедство, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Ние ја разбираме потребата на новата Влада на Зоран Заев веднаш да покаже нешто ново, и поразлично од претходно, особено во надворешната политика, фокусирајќи се на брза интеграција во ЕУ и НАТО, но таквиот пристап не може и не смее да ги става под прашање националните интереси. Во најмала рака е несериозно, речиси никој во Македонија, кој не е дел од преговорачкиот тим, да не знае што се преговараше и што се договори во Софија, со што треба да се затворат одредени крупни разлики кои веќе се децении ги компликуваат односите меѓу Македонија и Бугарија. Клаузулите за некаква непотребна тајност само ги потхрануваат сомневањата дека договореното нема да биде одраз на очекувањата на Македонскиот народ.

Земајќи предвид дека најавите се дека Договорот за добрососедство ќе биде потпишан на големиот Македонски празник „Илинден“, а до 2-ри август има само уште 20-тина дена, сметаме дека е неопходно Владата веднаш и неодложно да ги објави сите детали од договореното и тие да бидат предмет на широка сеопфатна дебата на експертската, но и политичката јавност.

Македонскиот народ е вознемирен бидејќи е под постојана и секојдневна канонада на националистички провокации од Бугарски политичари кои се дел од коалиционата Влада на Бојко Борисов, кои ја оспоруваат Македонската историја, упорно тврдејќи дека ние се китиме со туѓи перја, директно алудирајќи дека всушност не постои Македонски јазик, туку само  и единствено официјален јазик на територијата на Република Македонија.

Македонската Алијанса, во името на целата Македонска Дијаспора, од Министерот за надворешни работи Никола Димитров, бара веднаш да одговори на следните прашања:

Дали Договорот за добрососедство ќе биде „асиметричен“ или целосно и до крај ќе ги заштити Македонските национални интереси? Ќе ги признае ли конечно Бугарската Влада нашата Македонска историја, јазик и идентитет или со некакви димпломатски формулации е направено „бај-пас“ решение кое ќе ја загрози нашата иднина?

Какви решенија содржи договорот за да обезбеди гаранции дека Бугарските власти конечно ќе се одважат да ги спроведат пресудите на Европскиот Суд за човекови права, ќе им ги признаат основните демократски права на Македонците кои живеат таму, вклучително и регистрацијата на ОМО Илинден – Пирин?

Дали сме преземале обврска да ги менуваме нашите учебници по историја и да ги шминкаме историските факти кои не одат во прилог на Бугарската историја? Дали Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во име на Бугарската Влада, го прифати конечно историскиот факт дека браќата Кирил и Методиј се Македонци кои на Словенските народи им ја овозможија азбуката и писменоста, или уште стои на тврдењата дека Македонците и Бугарите се ист народ?

Македонската Алијанса ја користи приликата јавно да предупреди дека евентуален нов политички трик како оној со срамната референца БЈРМ, која му се продаваше на Македонскиот народ како привремено решение кое требаше да трае само два месеци, уште еднаш нема да помине!

Договорот за добрососедство со Бугарија мора да биде достоинствен и целосно и веднаш да ги заштити Македонските национални интереси! Секоја евентуална согласност за некои спорни одредби со кои самите ќе си ја оспориме посебноста на нашата Македонска култура, јазик и идентитет, ќе значи самоуништување, пукање во нога кое ќе ја отвори можноста за официјална Атина да ни го зададе последниот удар.

Ниту еден политичар или партија не може да прифаќа и да ветува остварување на нешто што не е, и не може да биде прифатливо за Македонскиот народ. Секој кој ќе тргне контра на ова основно демократско начело, се обиде да стори велепредавство, ќе мора да сноси одговорност за своите неразумни постапки.

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски