Почитувани,

 

По повод вчерашната одлука на Претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот за формирање на Влада на Зоран Заев, како предводник и кандидат за Премиер на новото декларирано мнозинство, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со вчерашна одлука непосредно и лично, пред целиот Македонски народ го презема својот дел од одговорноста за исполнување на сите Уставни претпоставки за доделување на мандатот, во согласност со неговите изворни надлежности и принципите на парламентарната демократија.

 

Оценуваме дека Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во својство на кандидат за Премиер на новото парламентарно мнозинство, со својот личен потпис на гаранцијата дека нема да прифаќа уцени и туѓи платформи за формирање на новата Влада, декларирањето на цврста определба дека ќе го штити Уставот и унитарниот карактер на Македонија, исто така си презема многу сериозна обврска и одговорност во овие чувствителни моменти за нашата заедничка Татковина, доследно да ја почитува волјата на Македонскиот народ.

 

Истовремено, со ова се испраќа порака дека најодговорните и највлијателни Албанските политички фактори во Македонија, ја прифатиле реалноста, ги послушале нашите апели и се откажале од таканаречената „Тиранска платформа“, враќајки се на придобивките и принципите утврдени со Охридскиот Рамковен Договор.

 

Веруваме дека новото парламентарно мнозинство е свесно за предизвиците кои претстојат. Од сега па натаму, секоја евентуална „пишман-аџија“ потег, чекор или политичка одлука, ќе предизвика уште поголема криза со непредвидливи последици.

 

Македонската Алијанса, во името на Македонската Дијаспора а водејќи се од заедничкиот интерес за долгорочна стабилност и сигурна иднина на Татковината, го повикува новото декларирано мнозинство да издаде уште една писмена гаранција дека ниту еден нивен претставник нема да преговара, ниту да прифаќа промена на најсветото, Македонското име и идентитетот на Македонскиот народ.

 

Ние како народ и Држава треба да продолжиме да инсистираме да се спроведе пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг, што секако ќе ни овозможи брз влез во НАТО Алијансата, што ќе го врати оптимизмот и ќе го стабилизира целиот регион.

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

                                                                                        Претседател,

                                                                                Ѓорѓија Џорџ Атанасоски