Согласност од Собранието за општите акти на Народниот правобранител

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на продолжението на шестата седница ја донесе одлуката за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител.

Станува збор за правилникот за организација и делокруг на работата на стручните служби на Народниот правобранител, како и систематизацијата за работните места. Со ова ќе се овозможи непречена работа на неколкуте канцеларии на Народниот правобранител и тоа во Скопје, Тетово, Куманово, Кичево, Битола, Штип и Струмица.

Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на Македонија рече дека според податоците со кои располага, според систематизацијата на работните места, се потребни 105 вработени во Народното правобранителство. Во моментов во Народното правобранителство, посочи, вработени се 59 лица, што е 56 проценти, а потребно е вработување на 46 лица.

Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека институцијата Народен правобранител која со закон е утврдена како независна, треба да има и своја финансиска независност.

Според неа, не се доволни шесте подрачни канцеларии на Народниот правобранител и потребно е отворање на подрачни канцеларии и во други градови во Република Македонија.

По пријавата за расправа по следната точка: Предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери ја прекина седницата и нејзиното продолжение го закажа за утре во 11 часот.

На дневен ред на шестата седница се и предлог-измените на Законот за работните односи поднесени од Нола Исмајлоска, Магдалена Манаскова и Весна Пемова и за годишните извештаи за работата на повеќе институции. Пратениците треба да расправаат и за состојбата со дивата депонија во Струга, предлог поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.