Школа на природно право: Неопходни темелни реформи во правосудниот систем

Дваесет и пет магистранти и пет докторанти на правни и политички студии се учесници на еднонеделната Школа на природно право што во организација на Македонската академија на науки и уметности и на Амбасадата на САД во Македонија од денеска се одржува во Охрид.

– Првата сесија во рамки на Охридската школа е посветена на демократијата и владеењето на правото, како ургентни потреби на нашето општество еднаш да заврши со процесот на транзиција и да влезе во процес на посттранзиција, во процес на стабилност обезбедена од демократски институции, право кое е исправно, право што ќе ги штити слободите на граѓаните, ефикасност на институциите итн., изјави академик Владо Камбовски.

Таквите процеси не се само задача на Владата, туку тоа е важна задача на целото општество.

–  Таа е дефинирана со итните реформски приоритети што оправдано од нас ги бара ЕУ како чекор за враќање на патот кон евроатлантските интеграции. Доволно поуки се извлечени во овој тригодишен кризен период за тоа што значи да нема стабилни судски институции, да отсуствува ефикасно јавно обвинителство и постоење партизација на институциите, рече Камбовски притоа укажувајќи дека науката и општествената мисла треба да ги најде точките каде треба активно да се вклучи и да придонесе со своја одговорност за општествените промени што треба да се извршат.

Обраќајќи им се на учесниците на школата, амбасадорот на САД Џес Бејли им порача дека тие се избраните надежни идни лидери кои ќе го предводат напредокот на земјата во областа на владеењето на правото.

– Состојбата со демократијата и владеењето на правото во Македонија денес претставува најголем предизвик за земјата на нејзиниот пат кон евроатлантската интеграција. Слабите правни и судски системи овозможуваат корупција и го поткопуваат напредокот кон европскиот развој. Нема алтернатива освен да се продолжи борбата за реформи и за напредна Македонија, рече Бејли, нагласувајќи дека владеењето на правото е најголем гарант на слободата и правдата, клуч за заштита на општеството од хаос и на демократијата од тиранија.

Тој ги охрабри младите постдипломци да се борат за позитивна иднина на земјата, да инсистираат на правична и еднаква примена на законот, до одбијат да живеат под јаремот на корупцијата и да бараат одговорна влада.

Професорот по уставно право Светомир Шкариќ истакна дека Охридската правна е осмислена со цел сегашната состојба во која се наоѓа Македонија да биде осветлена, не од гледиште на важечкото односно не од позитивното право, туку од стојалиште на природното право, какво право треба да има во земјата.

– Тоа претпоставува критичка оценка на севкупниот правен систем со сите закони поединечно, промена на се она што не е исправно, се она што е незаконско или искварено да го отстапи местото на правото што има врска со правдата, истакна Шкариќ.

Нагласи дека доколку во правосудството не се спроведат темелни реформи, ниедна промена во која било друга област нема да има своја смисла.

– Темелна промена значи осмислување на постојната состојба и предлагање излезни решенија. Не треба да се оди на целосно реформирање на правосудството, туку да се отвори процес на нивно возобновување и прочистување, да се споведат такви промени во областа што ќе резултираат со правичност, истакна Шкариќ.

Академик Абдулменаф Беџети укажа на неминовноста од потребата за редефинирање на правниот систем, а во економската сфера на потребата од промени во регулативата, со посебен осврт на системот на јавни финансии.

– Системски треба да се редефинираат многу работи, од создавање тела соодветни на специфичните прилики во земјата, преку примена на постоечките нормативи како системот на контрола на јавните финансии, до придржување на основните начела и принципи за добро управување со јавните финансии во Република Македонија, истакна Беџети.

Во септември МАНУ ќе организира уште една школа за магистранти и докторанти на правните студии посветена на говорот на омраза, криминалот на омраза и други нови форми криминал.