Серија билатерални средби на Димитров на 72. Генерално собрание на ОН

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров вчера на работниот ручек на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) во рамки на 72-то Генерално собрание на Обединети нации во Њујорк, имаше повеќе билатерални средби со свои колеги од различни земји на кои беа разгледани можностите за соработка и разменети мислења поврзани со регионалната соработка.

Како што соопшти МНР, министерот Димитров се сретна со премиерот на Султанатот Оман задолжен за надворешни работи, Јусуф бин Алави бин Абдула, при што беше изразена подготвеност за зголемување на билатералната соработка и развивање на договорната рамка, а беа разменети видувања и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа, како и во регионот на Арапскиот залив.

Димитров, се посочува оствари средба и со својот колега од Азербејџан, Елман Мамадјаров, на која беа упатени заемни покани за посети на министерско ниво, а беа дискутирани конкретни можности за развивање на соработката, пред се, на економски план во области поврзани со енергетика.

– За време на работниот ручек организиран од страна на Белорусија како претседавач со ЦЕИ, Димитров имаше прилика да поразговара со министри за надворешни работи и со други високи претставници на земјите членки на иницијативата. Учесниците на ручекот ја потврдија важноста на регионалната соработка при имплементација на проекти од различен карактер, пред се, на планот за инфраструктурно поврзување, како и за справување со разновидни предизвици како случајот со мигрантската и бегалската криза, стои во соопштението.

Претставници на делегацијата од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, учествуваа и на годишниот состанок на неформалната министерска мрежа за Меѓународниот кривичен суд, каде, се наведува, уште еднаш беше искажана поддршка од македонска страна за овој значаен меѓународен чинител на планот на обезбедување на одговорност за извршители на најтешките кривични дела во светот.

Воедно, министерот Димитров во придружба на шефот на македонската делегација, премиерот Зоран Заев, учествуваше и на билатералната средба со претседателот на 72-то Генерално собрание на ОН, Мирослав Лајчак.

Министерот Димитров во придружба на премиерот Заев присуствуваше и на приемот во организација на Министерството за надворешни работи на Германија, по повод германската кандидатура за членство во Совет на безбедност, каде имаа прилика да остварат разговори со повеќе високи владини претставници, меѓу кои и со шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел, се наведува во соопштението од македонското МНР.