СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ залудно се обидува преку неосновани интерпелации да ги кочи реформите

Залудни се обидите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ преку апсурдни иницијативи за интерпелации да ги кочат реформите, се вели во пишаната реакција на СДСМ за интерпелацијата на министерката за труд и социјална полтика Мила Царовска поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Парламентарното мнозинство и Владата предводена од СДСМ продолжуваат да работат на спроведување на реформите што носат повисока минимална плата, поголема помош за претпријатијата, повеќе пари кај граѓаните, решавање на проблемот со стечајните работници, со што наведуваат, Македонија оди напред.

– Поднесената интерпелација за министерката за труд и социјална политика, наводно поради Нацрт – Стратегијата за бегалци, што патем веќе еднаш била донесена во 2008 година од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, е врв на апсурдноста и лицемерието на опозициската партија, особено што изнесените невистини од ВМРО-ДПМНЕ се официјално и фактички демантирани: Стратегијата нема обврзувачки карактер, Македонија е транзитна земја за бегалците, што значи нема да остануваат во земјава и нема да се даваат државјанства за бегалци.
ВМРО-ДПМНЕ треба да ја надмине старата матрица на постојани опструкции на напредокот на државата и да ги поддржи реформите што ја движат Македонија напред, во интерес на сите граѓани, се наведува во реакцијата на СДСМ.