СДСМ: Партизацијата беше заштитен знак на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ во писмената реакција на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ која обвини за партизација во Министерството за внатрешни работи посочува дека партизацијата на државните институции била заштитен знак за 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

– Еден од најочигледните примери за масовна партизација беше Министерството за внатрешни работи кое според признанието на тогашната министерка Гордана Јанкуловска, ВМРО-ДПМНЕ го претвори во МВРО-ВМРО, се вели во реакцијата.

СДСМ наведува дека новата Влада започнува процес на ослободување на, како што се вели, заробените институции и оти во рамки на владиниот план 3-6–9 се планираат сериозни реформи во судството, медиумите, безбедносните служби, борбата против корупцијата, јавната администрација и изборното законодавство.

– Ќе има целосна професионализација на државните институции кои ќе работат единствено во интерес на граѓаните и никогаш повеќе ниту едно министерство, ниту една институција нема да функционира како нечиј партиски штаб како што тоа го правеше ВМРО-ДПМНЕ, стои во реакцијата.