СДСМ: Осигурениците нема да плаќаат партиципацијата за болничко лекување

Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика и Злате Мехмедовиќ член на Комисијата за здравство, денеска учествуваа на дебата со претставници на организацијата ЛИЛ, за заштита на правата на жени и деца, и со други претставници од граѓанскиот сектор, како и претставници од институциите со кои разговараа за бесплатно болничко лекување за корисниците на социјална парична помош, соопштија од СДСМ.

Оваа мерка, како што објаснил Мехмедовиќ, е дел од Програмата на новата реформска Влада и се однесува на сите граѓани.

– Сите здравствени осигуреници ќе бидат ослободени од болничката партиципација. Сметаме дека оваа мерка ќе го олесни финансиското оптоварување на сите, посебно на примателите на социјална помош. Сумата за социјална парична помош е многу мала, од 2.000 до 6.000 денари, далеку под прагот на сиромаштија. А денес сиромаштијата зема замав. 180.000 луѓе, според СЗО живеат со по 40 денари на ден. 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштија. Парите за оваа мерка, што пресметавме дека изнесува 420 милиони евра на годишно ниво, сега ќе биде на товар на државата којашто ќе биде должна да го финансира тоа бесплатно болничко лекување, рече Мехмедовиќ.

Како што појаснил, за респираторно заболување, хронична опструктивна белодробна болест партиципацијата е некаде околу 1.800 денари, за вградување бајпас е околу 6.000 денари и дека во услов на стресно живеење и со големо загадување на воздухот, за граѓаните кои по неколку пати завршуваат во болница, оваа мерка ќе биде големо олеснување.

Преставниците на граѓанскиот сектор кои ги штитат правата на корисниците на социјална парична помош, укажале на повеќе проблеми со кои се соочуваат овие граѓани, поради што во прашање е доведено здравјето дури и на деца.

Било посочено дека има луѓе кои не можат да ги извадат од рацете и нозете шипките при хируршка интервенција, затоа што претходно не ја платиле партиципацијата за операција, поради што не им се дозволува натамошно лекување. Но, биле наведени и низа други проблеми што ги имаат граѓаните со ниски примања и социјална помош.

– Станува збор за неподвижни лица кои немаат пари да платат превоз до Клиничкиот центар во Скопје. Или дека деца трпат проблеми со забите, затоа што родителите се социјални случаи и немаат да платат партиципација за лекувањето, посочиле претставниците од граѓанскиот сектор.

– Согласно ратификуваната и потпишана меѓународна Конвенција за заштита на правата на децата, Македонија мора да ги ослободи децата од плаќање на сите здравствени услуги и тоа сметам дека треба да биде приоритет на оние кои ќе донесуваат одлуки во Министертсвото за труд и социјална политика, како и да се изнајдат финансиски средства да се покријат овие трошоци, рекла Царовска.

На дебатата бил поздравен чекорот што го прави СДСМ како предводник на новата реформска Влада, со тоа што веќе е подготвен законот што ќе овозможи бесплатно болничко лекување за сите.

– Ние ја градевме рограмата со вас, внимателно ве слушавме кога стававме мерки потребни за граѓаните. Нема да престанеме тоа да го правиме. Ова со бесплатното болничко лекување е почеток. Во право сте, здравството е бунар на проблеми, ама ќе ги решаваме чекор по чекор заедно со вас, порачл Мехмедовиќ од Комисијата за здаравство на СДСМ на дебатата со претставници на граѓанскиот сектор.