СДСМ: Ќе бидат дадени бараните гаранции, Иванов да го даде мандатот за влада

СДСМ  денеска соопшти дека ќе бидат дадени бараните гаранции за добивање мандат за формирање влада и апелира да се одблокираат демократските процеси во Македонија и претседателот Ѓорге Иванов веднаш да го даде мандатот на Зоран Заев.

– Програмата на новата влада ја гарантира унитарноста на државата, работа според Уставот и ќе ги отвори евроатланските перспективи на Македонија. Ќе бидат дадени и бараните гаранции со што завршуваат сите неразумни изговори за блокирањето на демократските процеси, се вели во соопштението.

Поради блокираните демократски процеси, наведува СДСМ, Македонија се соочува со проблеми кои им штетат на граѓаните и целиот државен систем. Таквата блокада, истакнуваат, ќе кулминира в понеделник кога истекува мандатот на градоначалниците и Советите на општините. Вработени во општините, наставници, ќе останат без плати и надоместоци. Граѓаните не ќе можат да ги добиваат потребните услуги од општините.На тој начин, уште повеќе ќе се усложни ситуацијата во која се наоѓаат граѓаните и Република Македонија. Затоа, потребен е итен и мирен транфер на власта, со цел Македонија што побрзо да добие функционални институции, соопшти СДСМ.

Апелира до сите, како што истакнува, вклучително и до Иванов, конструктивно да се вклучат во демократските процеси, да делуваат совесно и одговорно и час поскоро да овозможат мирен трансфер на власта и формирање нова реформска влада.