СДСМ: Да не се чекаат 10 дена, не постојат пречки за доделување на мандатот

СДСМ во денешното соопштение оценува дека претседателот Ѓорге Иванов нема потреба да ги чека десетте дена и оти час поскоро треба да го додели мандатот за составување на нова влада.

– Веќе не постојат никакви пречки за доделување на мандатот. Сите неразумни објаснувања од Иванов се побиени со разумни чекори од страна на парламентарното мнозинство кое што внимателно постапи според Деловникот, законите и Уставот. Така е избран новиот претседател на Собранието кој веднаш испрати известување до Иванов дека има ново декларирано мнозинство. Исто така, идниот мандатар, претседателот на СДСМ, Заев соопшти дека е подготвен повторно да ја реафирмира Програмата на новата реформска влада која ја штити унитарноста, се обврзува дека ќе работи согласно Уставот и евроатлантските перспективи, се вели во соопштението.

Според СДСМ, спроведувањето на мирен и брз трансфер на власта е врвен државен приоритет и секое спротивставување на демократсите процеси е противдржавно и противуставно дело кое што е казниво со закон.

– Затоа повикуваме сите институции и секој поединечно согласно своите одговорности да се приклучи во демократските процеси што носат промени и живот за сите, наведува СДСМ