Саем на банки и финансиски инститиуции во Сити мол

Петнаесет банки, осигурителни компании и инвестициски фондови од денеска до 14-ти овој месец ќе учествуваат на Саемот за банки „Денови на финансии“.

Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со најновите понуди за сите банкарски производи во Македонија, да ги разгледаат понудите за животно осигурување и да ја одберат најповолната опција за инвестирање.

Претставниците од институциите ќе понудат одговор на сите прашања на посетителите и ќе се обидат преку непосреден разговор и презентација на актуелните производи да ги понудат најповолните услови за сите видови кредити и депозити, најдобрата полиса за осигурување на имот, патничко осигурување или осигурување од незгода, да понудат склучување на договор за животно осигурување или да ги презентираат најдобрите опции за инвестирање на парични средства.

На настанот ќе бидат присутни и претставници од Народната банка на Република Македонија со цел да дадат придонес кон зајакнување на општата свест за тоа колкава е потребата од финансиска едукација и кои се придобивките од таквото знаење.

– Целта е „Денови на финансии” да прерасне во најпосетуван настан од областа на финансиите во нашата земја, каде посетителите ќе имаат можност на едно место да ја разгледаат целокупната понуда на финансиски производи и да побараат совет од претставници на институциите со кои се заинтересирани да воспостават соработка или преку разговор со истакнати експерти од одредена област да донесат најдобра финансиска одлука за својата иднина. Од друга страна, учесниците имаат можност да бидат фер, транспарентни и општествено одговорни чиј главен предизвик ќе биде понуда на најповолни услови како и изнаоѓање најдобро решение со една крајна цел – задоволни клиенти. Резимирано, планираме во иднина настанот да биде “финансиски супермаркет” за граѓаните од Република Македонија, вели Филип Чижбановски, еден од основачите на банкарство.мк.

На саемот ќе учествуваат Капитал Банка, Шпаркасе Банка Македонија, НЛБ Банка, Винер Лајф, ТТК Банка, Халкбанк, Охридска Банка, Централна кооперативна банка, Илирика фунд менаџмент, Комерцијална Банка, Македонско кредитно биро и Народна банка на Република Македонија.