Ретроспективна изложба на Ликовната група „77“ по повод 40 години работа

Со ретроспективна изложба Димитар Кочевски – Мичо, Свето Манев и Илија Кочовски кои творат како ликовна група „77“, вечерва ќе одбележат 40 години заедничка работа.

Тројцата членови на групата се појавија во 1977 година како нова ликовна авангарда не само во ликовниот живот на Битола, туку и многу пошироко, а нивната уметничка ликовна дејност трае полни четириесет години.

– Со самата појава на ликовната група „77“ во 1977 година се наѕира и нивната порака за многу посмел и многу посовремен пристап во откривањето на нови можности во ликовниот пристап и на полето на тематската и на колористичката ангажираност, се разбира, кај секој од нив со посебен ликовен израз во зависност од ликовниот афинитет. Тие смело ги прифатија новите стремежи во ликовното творештво, надминувајќи го традиционалното со свеж израз на поинаков светоглед, со поинакви и посовремени асоцијативни елементи, се наведува кон изложбата.

Тројцата членови на групата „77“ за досегашното творештво се добитници на низа признанија. Димитар Кочевски – Мичо е добитник на наградата за најдобар театарски плакат на „Војдан Чернодрински“, како и на ноемвриската награда на град Битола. Илија Кочовски е освојувач на наградите Екс Либрис во Риека, како и на откупната награда на НУБ „Климент Охридски“, на 30. графичка изложба на ДЛУМ. Свето Манев е добитник на наградата „Лазар Личеновски“ за сликарство на 15. Зимски салон на ДЛУМ и на „Методија Ивановски Менде“ на 26. изложба „Сликарство мал формат“.

Ретроспективната постановка ќе биде отворена вечер со почеток во 20 часот во Галеријата на НЛБ Банка.