Регионален етно парк во Зрновци

Во општина Зрновци во полн ек е изградба на регионален етно парк, кој е лоциран на почетокот на населбата до детската градинка и спортските терени.

Центарот за развој на Источниот плански регион заедно со општина Зрновци ќе го реализираат овој туристички комплекс кој ќе ги поврзува општините под Плачковица.

– Со овој проект ќе се заштити културното и етнолошкото богатство по
течението на Зрновска река. За реализација на пректот ќе бидат искористени 2,6 милиони денари, средства кои Источниот плански регион ги обезбеди од програмата на Бирото за  регионален развој. Општина Зрновци во овој проект учествува со сопствени средства во износ од 10 проценти од вредноста на проектот, изјави  Блаже Станков, градоначалник на Зрновци.

Етно  паркот, истакнува Станков, ќе го отсликува минатото на Зрновскиот крај и населените места под  Плачковица, и ќе содржи повеќе елементи, подзаборавени содржини и исчезнати  предмети.

Ќе се  гради етно куќа со придружни елементи  како што се фурна за печење леб, казан за печење ракија, бунар, чеза и коњска кола, автентични за овој крај. Ќе се изгради и мал амфитеатар кој ќе служи за настап на културно-уметнички групи и ансамбли и одржување предавања по одделни области.