Реакција на МТСП на прес-конференцијата на Живко Митревски

Министерството за труд и социјална политика како неосновани, неаргументирани и неточни ги оценува обвинувањата изнесени на денешната прес-конференција на Живко Митревски и посочува дека Решението кое што МТСП го прогласи за ништовно е врз основа на член 124 од Законот за општа управна постапка, а не врз основа на Законот за работни односи, како што тврди Митревски.

– Претходниот министер Ибрахим Ибраими го поништил решението донесено од страна на поранешната министерка Фросина Ременски, а согласно споменатиот член 124 од ЗОУП, Министерството нема законски услови да го поништи тоа решение, соопшти МТСП.

Решението на МТСП бр. 08-8191/10 од 29.12.2016 година, се додава во соопштението, е огласено за ништавно од повеќе причини.

– Ова решение е донесено врз основа на членот 124 од ЗОУП и со истото е поништено Решението бр.08-8191/2 од 14.11.2016 година. Не е точно, дека е донесено врз основа на одредбите од ЗРО (член 188, 189, 190, 192 и 193, како што тврди Живко Митревски во дописот до МТСП од 09.08.2017 година). Ова е јасно и видливо во самото решение. Со одредбата од член 124 од ЗОУП, се регулирани условите за огласување на ништовност на решение, а не за поништување. Оттаму јасно е дека МТСП нема законски услови врз основа на одредбата од членот 124 од ЗОУП да поништи свое решение. Тоа е една од причините за ништовност на решението на МТСП бр. 08-8191/10 од 29.12.2016 година, во смисла на член 124 став (1) алинеја (1) од ЗОУП.

Решението бр. 08-8191/10 донесено на ден 29.12.2016 година од Министерството за труд и социјална политика е донесено по барање за поништување на Решението бр.08-8191/2 од 14.11.2016 година, кое барање е поднесено од неовластено лице, бидејќи истото е потпишано од ССМ преку Претседател Живко Митревски, на кој во меѓувреме му престанала функцијата – претседател на ССМ со Одлука на седница на Совет на ССМ одржана на 13.11.2016 година, се вели во соопштението од МТСП.

На истата седница, се потенцира, за в.д. претседател е именуван Дарко Димовски.

– Тоа е видливо од списите: Одлука на ССМ од 13.11.2016 година за отповикување на Живко Митревски од функцијата претседател на ССМ и претседател на Совет на ССМ;

Одлука за именување на Дарко Димовски за в.д. претседател донесена на седница на Совет од 13.11.2017 година;

Записникот за одржана Петта седница на Совет на ССМ на ден 13.11.2016 година, свикана врз основа на гранковите синдикати и

Евидентна листа за бројот на присутните членови на седницата на Советот на ССМ одржана на 13.11.2016 година (28 членови присутни од вкупниот број 52 членови на Советот, верификувани на 19 Конгрес на ССМ)

Во списите на предметот нема релевантен доказ дека Живко Митревски е законски претседател на ССМ во моментот на поднесување на барањето за поништување на решението бр. 08-8191/2 од 14.11.2016 година, па од тие причини МТСП постапувало по барање од неовластено лице, што е дополнителна причина за ништовност на решението. Имено, согласно член 7 од Статутот на ССМ, претседателот се избира на Конгрес. Последниот 19-ти Конгрес на ССМ е одржан на ден 21.05.2015 година, а доставената одлука со која се тврди дека Ж. Митревски е избран за претседател на ССМ, бр. 0201-406/5 е со датум од 07.10.2015 година, 5 месеци по одржување на Конгресот, се посочува во соопштението од МТСП.

Се прецизира дека ниту известувањата дадени од Претседателите на некои синдикати (СОБ, СРСВМ, СШДЕ, Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на РМ, СТКЧ, СХНМ, ГИФИК, ССРЕС, СПТРМ, СРТМ, СФМ, СТИП и МПС), не се доказ дека Живко Митревски е законски претседател на ССМ, бидејќи со изјава на поединец во форма на известување не може да се менува одлуката за отповикување на Ж. Митревски од функцијата претседател, донесена на седница на Совет одржана на 13.11.2016 година.

– Имајќи ги предвид овие факти, поткрепени со материјалните докази во списите по предметот, МТСП по службена должност оцени дека Решението на МТСП бр. 08-8191/10 од 29.16.2016 година со кое е поништено Решението бр. 08-8191/2 од 14.11.2016 година, Е НИШТОВНО и во смисла на членот 124 став (1) алинеја 4 од ЗОУП, бидејќи при неговото донесување погрешно е применето материјалното право.

Од тие причини, МТСП оцени дека се исполнети законските услови од членот 124 од ЗОУП за огласување на ништовност на ова решение поради што на ден 04.08.2017 година го донесе Решението бр. 08-8191/14, се нагласува во соопштението од МТСП.