РАКОМЕТАРИТЕ ОТПАТУВАА ЗА УКРАИНА

Машката ракометна репрезентација на чело со селекторот Раул Гонзалес, отпатува за Украина, каде што во градот Суми утре ќе го одигра претпоследниот натпревар во групата за пласман на ЕП во Хрватска.

Со доаѓањето на Кире Лазаров и Борко Ристевски, репрезентацијата се коплетираше, а Раул за оваа средба поведе 17 ракометари. Од последниот натпревар кој го игравме со Исланд, составот има неколку измени. На местото на голманите Никола Митревски и Мартин Томовски, повикани се Борко Ристовски и Златко Даскаловски. Од списокот отпадна и бекот Горан Крстески, а повикан е младиот бек на Металург, Мартин Велкоски.

Списокот на ракометари кои отпатуваа во Украина е следниот: Борко Ристовски, Златко Даскаловски, Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Кире Лазаров, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Филип Талески, Филип Кузмановски, Марко Нелоски, Влатко Митков, Мартин Велковски, Никола Маркоски, Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски.

-Имавме проблеми на подготовките. Поради повреда отпадна Велко Марковски, а и Филип Миркуловски не е најподготвен. Меѓутоа имаме и други играчи и мислам дека имаме сили да го добиеме натпреварот – изјави Раул.

Натпреварот се игра утре со почеток во 18 часот.