Државниот архив на Република Македонија вечерва одржа промоција на првиот и вториот том од зборникот документи насловен „Илинденски сведоштва”, како дел од истоимениот проект кој започна во 2015 година и е предвидено да содржи пет тома.

Двете публикации содржат факсимилни документи, дел од фондот на Државниот архив кој изобилува со повеќе сегменти од тогашната егзистенција на македонското семејство предводена од турската власт, како и од бугарската, српската и грчката пропаганда, за социјалната положба, за нивниот живот како осуденици и затвореници, за економската сиромаштија, за улогата на религијата и за политичкиот живот.

Промотори на настанот беа директорот на Државниот архив на Република Македонија, д-р Филип Петровски и проф. Д-р Наташа Котлар-Трајкова од Институт за национална историја и проф. Д-р Александар Стојчев воен историчар.