Промоција на „Совети и раскази од Кекавман“ од Јован Белчовски

Во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Совети и раскази од Кекавмен“ од проф. д-р Јован Белчовски, во издание на „Македоника литера“.

Книгата ќе ја промовираат поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и проф. д-р Ратомир Гроздановски. За својот труд ќе говори и авторот Белчовски.

– Изданието ги содржи: оригиналната верзија на книгата од византискиот период „Совети и раскази“ од Кекавмен, преводот на проф. д-р Јован Белчовски и студијата на проф. д-р Белчовски во која, меѓу другото, пишува за општествено-политичка констелација кога е создадена книгата, за авторот, за неговите користени извори, за содржината на ракописот на Кекавмен, како и за неговите истражувачи. Ова е прва презентација на ова познато дело на Кекавмен на македонски јазик, информира „Македоника литера“.

Книгата „Совети и раскази“, чиј автор е Кекавмен, е пишувана од 1075 до 1078 година, и претставува вистинска слика на општествено-политичките и економските состојби во Византиската Империја во 10 и во единиаесеттиот век. – Авторот пишува за многу области од животот – за состојбите во градовите, политичките и идејните борби меѓу странките, посебно помеѓу аристократијата од престолнината и провинциската воена класа – кои се во постојани конфликти, за државата, битот, нормите, моралот и обичаите, семејните односи, правниот живот, службите, домаќинството, војните и востанијата, црквата и религијата, суеверијата и воопшто нивото на културата во епохата. Кон сите тие животни области авторот има свои погледи и дава свој суд. Животот во семејството е прикажан во сите негови нијанси и сегменти. Самиот полковник и внук на полковници, Кекавмен имал големо познавање за воената проблематика, за составот на армијата, начинот на војување, одбраната на крепостите, опремата и вооружувањето на војската, опсадните орудија итн. Тој пишува и за многу значајни настани поврзани и со владеењето на цар Самоил на македонската територија,  соопштува „Македоника литера“.

Ракописот бил напишан во Трапезунт – најјужните брегови на Црното Море. Оттаму бил однесен во манастирот Ивирон на Св. Гора и таму го пронашол рускиот учен Арсениј Суханов. Тој го однел во Москва и денес се наоѓа во Патријаршиската библиотека. Тоа е единствениот познат зачуван ракопис, а претставува прв или втор препис од оригиналот.

Јован Белчовски е пензиониран професор и поранешен декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Докторирал на тема за историјата на Охридската архиепископија од нејзиното основање до паѓањето на Македонија под турска власт. Автор е на триесетина трудови од историјата на Охридската архиепископија и на православното христијанство.