Промоција на монографија за ликовниот уметник Вељо Ташовски

Националната галерија на Македонија (НГМ) денеска во галеријата Даут-пашин амам ќе промовира монографија за ликовниот уметник Вељо Ташовски, со наслов „Вељо Ташовски, живот и творештво“.

Монографијата за Вељо Ташовски, која е издание на НГМ, дава пресек и своевидно толкување, анализа на целокупното творештво на авторот, со посебен акцент на одредени фази во неговото творештво, нагласувајќи ја неговата значајна улога во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност.

– Изданието е дел од посеопфатен проект кој во континуитет се одвива од 2014 година кога беше организирана ретроспективна изложба за Вељо Ташовски во објектот Даут-пашин амам. Поттикнати од интересот и значењето на творештвото на овој наш еминентен ликовен автор, кој одигра значајна улога во развојот на македонската современа ликовна уметност, во текот на 2015-та направивме избор од ретроспективната поставка со цел нејзино селективно прикажување и во останатите градови од земјата. Во април/мај 2016 година изложбата беше претставена и во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, соопшти НГМ.

Автор на текстот во монографијата е проф. Владимир Величковски. На промоцијата ќе се обратат проф. Костадин Танчев-Динка и Милан Бешлиќ, ликовен критичар од Хрватска, кој е и автор на текст во публикацијата.

Вељо Ташовски (село Осој, 1949) во 1975 завршил Академија за ликовни уметности – сликарски оддел во Љубљана, каде и магистрирал во 1979. Од 1976 до 1985 бил член на Друштвото на ликовни уметници во Словенија, а од 1976 е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Работел како професор на Факултетот за ликовни уметости во Скопје. Имал повеќе самостојни изложби во Македонија и Словенија, а учествувал и на голем број групни изложби во Словенија, Македонија, Италија, Полска, Хрватска, Грција, Романија, Србија, Чешка, Словачка, САД… Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди