Претседателот Иванов во работна посета на Јордан

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов утре ќе престојува во работна посета на Хашемитското Кралство Јордан по повод учеството на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка, што се одржува во Аман.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, ќе учествува на пленарната сесија на свеченото отворање на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка и на сесијата на тема „Заштита на бегалци: наша морална одговорност“.

Во рамки на работната посета, претседателот Иванов ќе оствари билатерална средба со Кралот на Хашемитското Кралство Јордан, Абдула II, како и повеќе билатерални средби со учесниците на форумот.

На Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка е најавено учество на над 1.000 политички лидери, претставници од бизнис секторот и цивилното општество, од повеќе од педесетина држави.

Темите на дискусија на форумот се однесуваат на улогата на Кралството Јордан во регионот, економските перспективи на земјите од овој регион, промените во геополитиката и хуманитарните предизвици во однос на состојбите во Сирија, Ирак и Либија, како и актуелната мигрантската криза.