Показна вежба на СПБГ во касарната Петровец

Во касарната во Петровец и реонот на Катланово денеска ќе се реализира показна вежба на командно место на средната баталјонска борбена група (СПБГ), како дел од активностите за одбележување 25 години од формирањето на АРМ и претстојната ресертификација на СПБГ, соопшти ГШ на АРМ.

Вежбата ќе ја проследат претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, началникот на ГШ генерал-потполковник Методија Величковски и генерали на АРМ.

Претседателот Иванов ќе ги посети командите на единиците стационирани во касарната „Страшо Пинџур“, а на самото место на изведување на вежбата ќе се запознае со постапките, мерките и процедурите кои ги извршуваат припадниците на АРМ во извршување на задачите во командното место.

СПБГ е најголемата декларирана единица на Армијата на Република Македонија која на крај на септември и почетокот на октомври годинава на армискиот полигон „Криволак“ ќе изврши реоценување согласно концептот на оперативни способности на НАТО, Ниво 2.