Појавата на Словените

Во VI и VII век на Балканот и во Македонија се доселуваат Словените, достигнувајќи јужно до Тесалија, па дури и до Пелопонез. Тие се измешале со затекнатото месно население, во најголема мера Антички Македонци, потоа Грци, Илири и Траки. На македонската територија, која тогаш се наоѓала под византиска јурисдикција, Македонските Словени биле организирани во полудржавни формации – македонските склавинии. Склавиниите презеле повеќе напади против Византија и утврдените византиски градови.

Во 837 година Македонија почнува да потпаѓа под власта на бугарската држава, при што до средината на IX век поголемиот дел од Македонија потпаднал под бугарска власт, а другиот бил вклучен во рамките на Византија. Во IX век, исто така, започнува и црковно-просветната дејност на солуњаните Кирил и Методиј, која се состоела од повеќе мисии за покрстување на Словените, но и во поставување на основите на словенската писменост, која започнува со создавањето на словенската азбука – глаголицата, во 855 година. Нивните ученици, Климент и Наум, ќе ја продолжат нивната дејност и кон крајот на IX век, ќе ја создадат Охридската книжевна школа и Преславската книжевна школа, со што Охрид набрзо прераснува во еден од најразвиените црковно-просветни и културни средишта на Балканот, лулка на словенската писменост.

Во X век Македонија ќе ја зафати богомилското движење и учење, за првпат создадено во велешко-прилепската област, како одглас на потчинувачкиот феудален црковно-економски систем. Тоа набрзо ќе се прошири не само во Македонија, туку и низ цела Европа.

Со востанијата во Македонија во втората половина на X век, во 969 година против бугарската и во 976 година против византиската власт била создадена македонската средновековна феудална држава, позната уште и како Самуиловото Царство). Македонската средновековна феудална држава постоела сè до 1018 година, кога била покорена од византиските војски. Во XIII и XIV век византиската власт врз Македонија била прекинувана со периоди на српско и бугарско владеење.

До крајот на XIV век Македонија целосно била покорена од Османлиите, со што нејзиниот економски и општествен систем бил разорен, а исто така, бил забавен и нејзиниот натамошен општествен и културен развој. Во 1767 година султанот ја укинал Охридската архиепископија.