Писмена реакција за текстот во Грчки „Ријал Њуз“

Во врска со прилогот во Грчкиот неделник „Ријал Њуз“ кој објави дека предлогот на официјална Атина за решение за спорот ќе биде Вардарска Македонија, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Стана пракса политиките на Атинската Влада прво да се тестираат преку нивните медиуми пред да станат официјални.  Затоа сметаме дека треба веднаш да се произнесеме за пробните балони на Никос Коsиас за евентуално решение на спорот за името. Ако Атинските политички радикали сметаат дека Вардарска Македонија е име кое ќе ги исклучи, според нив, „иредентистичките“ барања на Македонската страна, тогаш од старт сакаме да ги расчистиме сите нивни заблуди.

Прво, Македонија ниту некогаш промовирала, ниту застапувала некаков иредентизам. Тоа не е наше обележје, карактеристика или нарав за политичко однесување. Напротив, ние со децении сме жртви на иредентизмот на Атинските политички елити, кои со уцени, закани и блокади ја спречуваат Евроатланската интеграција на Македонија. Впрочем, нека си направат анализа на изјавите на Павлопулос, Каменос, Левентис и Коsиас, само во изминативе 12 месеци и самите ќе си одговорат кој промовира средновековен национализам и иредентизам.

Второ, ние немаме намера да ги задоволуваме суетите на официјална Атина која наводно бара гаранции дека Македонија после влезот во ЕУ и НАТО нема да има некакви претензии кон Егејскиот дел. Ние направивме многу болни, срамни и понижувачки отстапки со менување на Устав, знаме и потпишување на Времената спогодба во 1995 година, со што ги дадовме сите можни меѓународни гаранции. Придавки од типот „Северна“, “Вардарска“, „Горна“ никогаш нема да прифатиме. Единствено можно решение е прифаќање на реалноста, а тоа е дека ние сме биле, сме и ќе останеме Република Македонија. Нашите барања за признавање на Македонците и националниот идентитет, посебност, јазик и култура, од Грција, не се иредентизам туку универзално демократско право. Истовремено, јасно сме ставиле до знаење дека не бараме ексклузивитет на нашето реферирање на Античките корени и историја, бидејќи за нас тоа е светска цивилизациска придобивка.

Трето, Македонскиот народ не бара ништо на подарок, туку само спроведување на истите аршини кои важат за сите меѓународно признати држави, членки на ООН. За почеток, доволно е нашите меѓународни сојузници конечно да обезбедат официјалната Атина, како осудена земја, да ја прифати и спроведе пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг, затоа што во 2008 во Букурешт, одлучи противправно да ги прекрши меѓународно преземените обврски и со вето го блокираше нашиот влез во НАТО Алијансата. Со членството на Македонија во НАТО Алијансата, ќе се релаксираат внатрешните состојби и ќе се инвестира во обезбедување долгорочна стабилност во регионот.

Нема никаква дилема дека актуелизирањето на спорот за името е предвесник за период кој ќе биде огромен тест за сите Македонски политичари. Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека ниту претходната Влада на ВМРО ДПМНЕ, ниту сегашната на СДСМ има мандат да влегува во некави дилови и екскурзии за евентуални проекти за раздавање на светото Македонско име и идентитет. На нашата надворешна политика не и е потребна сервилност и попустливост, туку цврстина и консензус за стратешките национални прашања.

Македонскиот народ од целиот свет ќе следи дали на нашите политичари им се помили и подраги Државните фотељи и привилегии од Македонското име и идентитетот. Или најодговорните фактори ќе се усогласат за Македонските црвени линии и јасно ќе стават до знаење дека ниту еден лидер или политичар во Татковината никогаш нема да се согласи да преговара или разговара за промена или откажување од најсветото Македонско име и идентитет, или ќе си ја поделат одговорноста и ќе заминат на буништето на политичката историја како велепредавници.

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                         Ѓорѓија Џорџ Атанасоски