Во врска со жестоката дебата во Грчкиот Парламент за Македонското прашање и провокативниот став на Грчкиот Министер за надворешни работи, Никос Коsиас, кој во интервјуто за нивната телевизија „Антенба“, повторно ја обвини Македонија за иредентизам и дека меѓународната заедница ја разгалила Македонија, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Жестоката дебата во Грчкиот Парламент за Македонското прашање во пресрет на средбата на Коsиас со Нимиц , отворањето на дилеми меѓу нивните партии кој е ставот на Владата на Ципрас за евентуалното решение на спорот за името, е уште еден доказ дека за ова прашање кај нив не постои рационален став туку внатрешен меѓу партиски натпревар чиј став е порадикален кон Македонија.

Надвор од умот е да се тврди дека Македонија има иредентистички побуди и дека промовира национализам. Македонскиот народ си го бара тоа што му следува согласно сите меѓународни норми на ООН, да си го оствари универзалното право на самоопределување што му следува природно. Парадоксалните обвинувања на Грчките националисти кон Македонија е заради тоа што си ја имаат мувата на капата заради историската неправда која и е причинета на Македонија со Букурешкиот Договор. Срамно е Никос Коsиас да повторува една иста теза за наводен Македонски иредентизам кога од 1913 заради нивната асимилаторска политика се променети сите Македонски топоними во Егејска Македонија што е најчист историски факт за постоењето на Македонија и Македонскиот народ. Изјавите и провокациите на Павлопулос и Каменос не треба ни да споменуваат, тие треба да се стават во Грчките учебници како школски пример за тероризирање на соседски народ.

Сепак, сметаме дека врв на хипокризијата на Грчката надворешна политика е обвинувањето дека Македонија е разгалена од меѓународниот фактор. Оваа изјава на Коsиас може да конкурира во категоријата најсмешни видео инсерти. Грција која е осудена земја, која не почитува пресуда на Меѓународниот Суд во Хаг, која не ја спроведува Времената Спогодба која сама ја потпиша, која спротивно на заложбите на САД стави вето на приемот на Македонија во НАТО Алијансата и повторно цела Европа ја спасуваше од банкрот, обвинува дека ние сме биле разгалени од меѓународниот фактор?!!! Нека им служи на чест и ним и на сите оние од меѓународната заедница кои и гледаат низ прсти на Грчките закани, блокади и нерационални позиции кои брутално ги газат базичните принципи и норми на кои почива меѓународното право и прави дрска злоупотреба на правата кои произлегуваат од нивното членство во ЕУ и НАТО.

Македонската Алијанса за разлика од некои други во Татковината, не ги припишува овие провокации на официјална Атина на некаква нивна нервоза од поддршката која Македонија ја ужива од своите меѓународни сојузници. Напротив, убедени сме дека ова е резултат на една лукава игра и стратегија која треба да ни го зададе последниот удар за откажување од Македонскиот национален идентитет. Затоа, по кој знае кој пат повторуваме дека Македонија треба под итно еднострано да ги прекине сите разговори за таканаречените мерки за градење доверба, бидејќи истите се едно големо ништо!

Македонските политички фактори треба неодложно да ги расчистат сите дилеми со кои се соочува нашиот народ во Татковината и надвор од нејзините граници. Час поскоро да се соопшти дека без разлика на сложените внатрешни политички односи, ниту една политичка партија, ниту еден лидер или политичар во Татковината никогаш нема да се согласи да преговара или разговара за промена или откажување од националните Македонски обележја. Со национален консензус мора да ја осудиме националистичката, иредентистичка и негаторска политика на политичките претставници на официјална Атина.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски