Во врска со одлуката на Српската Православна Црква и Патријархот Иринеј да не дозволи делегација на Македонија да го посети манастирот „Прохор Пчински“ по повод еден од најголемите Македонски празници „Илинден“, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Македонската Алијанса го повикува шефот на Српската дипломатија, Ивица Дачиќ, да не прикрива зад СПЦ. Македонија не може да се прави и понатаму слепа и глува на она што се случува. После скандалозната одлука, надлежните Македонски институции треба веднаш да побараат јасен и прецизен став дали блокирањето на прославата во „Прохор Пчински“ е политичка одлука координирана на фамозната трилатералната средба во Солун.

Не може Србија кога и одговора во Македонија на Зебрњак кај Куманово да слави 100 годишнина од Кумановската битка, кога со пари на Македонските граѓани беа уредени спомен костурницата на паднатите Српски војници и сувенирницата во 2012, ние да сме им добри соседи и братски народ, а сега кога Македонска делегација треба да го посети манастирот „Прохор Пчински“ на денот на еден од најголемите Македонски празници „Илинден“, Владата на Србија да се затскрива зад СПЦ и отворените прашања со МПЦ.

Ние тогаш предупредивме дека Владата на Република Македонија не може да остане рамнодушна на трилатералната средба која се одржа во Солун, каде за жал претставник од нашата Татковина не беше поканет, каде истите актери од времето на Букурешкиот Договор, заклучија дека за нив е прифатлива само стабилна Македонија со решен спор за името со Грција, доколку Македонскиот народ сака да влезе во ЕУ и НАТО.

Премиерот Зоран Заев кој јавно тврди дека ги затворил сите отворени прашања со Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, има обврска соодветно да реагира и да обезбеди присуство на Македонска делегација во манастирот „Прохор Пчински“ на 2-ри Август. Колку повеќе демонстрираме конструктивност толку повеќе ни се зголемуваат проблемите. Затоа, на Македонија и е доста од двоен морал и лажни пријатели. На Македонија не и врши работа претерана конструктивност и виткање на кичмата. Од досегашната историја, јасно е дека сите наши отстапки биле залудни затоа што Македонија е се уште во чекалната на ЕУ и НАТО Алијансата.

Сега е време за сеопфатен и цврст национален консенсус за стратешките национални интереси. Македонските политички фактори, особено ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, треба да се освестат и да престанат да бидат заробеници на нивните дневно – политички интереси. Македонија не може да биде жртва на безосетноста на актуелните Македонски политички фактори кои заслепени од борбата за моќ, влијание и власт, забораваат што е нивна обврска и должност.
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски