Во врска со најновата провокација која доаѓа од Српскиот Министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, кој после вчерашната средба во Атина со неговиот колега, Никос Коsиас, повторно изјави дека Србија направила грешка кога пред 20 години го признала Уставното име на Република Македонија, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

 

Македонската Алијанса ја оценува најновата провокација на Ивица Дачиќ како тежок дилентантизам и шарлатанство кое е својствено само за политичари од времето на Слободан Милошевиќ. Ваквиот став Дачиќ не го соопштува прв пат, бидејќи на почетокот на годината, токму пред посетата на Грчкиот Премиер Алексис Ципрас на Белград, во ист стил изрази каење што Србија ја признала Македонија под Уставното име. Ова треба да биде сериозна индикација за нашата дипломатија, особено што се случува во крајно чувствителен период, кога нашата Татковина се соочува со сериозни предизвици од сите страни.

 

Сметаме дека твитер реакцијата на Македонскиот Министер Никола Димитров е преблага за ваков дипломатски скандал и провокација. Ние не можеме да затвораме очи на она што е очигледно. Претседателот Ѓорѓе Иванов и Премиерот Зоран Заев мораат од своите колеги Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ веднаш да побараат јасен и прецизен став дали Србија ја менува својата политика кон Македонија. За да биде Македонија на чисто, или нека јавно се оградат од ставот на Дачиќ или конечно нека ја отповикаат одлуката за признавање на Уставното име. Не може Србија кога и одговора во Македонија на Зебрњак кај Куманово да слави 100 годишнина од Кумановската битка, кога со пари на Македонските граѓани беа уредени спомен костурницата на паднатите Српски војници и сувенирницата во 2012, ние да сме им добри соседи и братски народ, а кога ќе одат во Атина да си прават дилови со Грците на сметка на нашето Уставно име.  Доста ни е од двоен морал и лажни пријатели.

 

Македонската Алијанса ја повикува Владата на Република Македонија да биде внимателна со потезите кои ги влече во надворешната политика и односите со соседите. Договореното во Софија, не смее да биде тајно за нашата експертска и политичка јавност, како што не смееме да ги игнорираме секојдневните провокации од поранешни и актуелни високи политички функционери на Бугарија. Ниту изјавата на Дачиќ е случајна, ниту „лекциите“ на Грчкото МНР за Државниот Министер на Германското МНР, Михајл Рот се случајни, а особено не е случајна најавената трилатерална средба во Солун меѓу Ципрас, Вучиќ и Борисов, која треба да се одржи утре без претставник на Македонија.

 

На Македонија сега не и е потребна претерана конструктивност и виткање на кичмата. Од досегашната историја, јасно е дека сите наши отстапки биле залудни затоа што Македонија е се уште во чекалната на ЕУ и НАТО Алијансата. Сега е време за сеопфатен и цврст национален консенсус за стратешките национални интереси.

 

На домашната, но и на целата меѓународна јавност, сите клучни политички фактори во Татковината треба да соопштат дека без разлика на сложените внатрешни политички односи, ниту една политичка партија, ниту еден лидер или политичар во Македонија никогаш нема да се согласи да преговара или разговара за промена или откажување од најсветото Македонско име и идентитет.

 

Ние не бараме ништо на подарок. Не може меѓународните норми да важат само за Македонија. Не може само од нас да се бараат отстапки. Сменивме Устав, Знаме, прифативме срамна референца БЈРМ, направивме и ќе ги направиме сите неопходни реформи, дел сме од речиси сите мировни мисии рамо до рамо со земјите членки на НАТО Алијансата. Бидејќи е стратешки интерес на нашите меѓународни сојузници стабилизацијата на регионот, тогаш треба да обезбедат спроведување на пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг и Македонија веднаш ќе стане полноправен член на НАТО Алијансата. Едноставно, сме заслужиле и наше универзално демократско право е да бидеме Македонци во Република Македонија.

 

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                         Ѓорѓија Џорџ Атанасоски