Почитувани,

Во врска со најновата провокација на Претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, кој во интервју за „Политика“ повтори дека инсистирањето да се користи името Македонија ги поткопува Евроатланските перспективи на Татковината, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Македонската Алијанса го повикува Ципрас да го земе со себе во Вашингтон и Павлопулос и заедно нека протестираат пред Белата куќа, зошто САД ја имаат признаено Република Македонија под Уставното име уште од 2004 година. Нека се обидат да го убедат Доналд Трамп дека Македонија шири иредентизам. Нека смислат некое оправдување зошто во 2008, на Самитот на НАТО во Букурешт, тогашната Влада на Костас Караманлис, спротивно на Американските интереси стави вето за полноправното членство на Македонија во НАТО Алијансата. Можеби и ќе најдат објаснување зошто Грција како осудена земја од Меѓународниот Суд во Хаг, се уште не ја почитува пресудата и меѓународното право и со својата ирационална политика упорно ги блокира Македонските Евроатлански интеграции.

Научно докажан историски признат факт е дека Македонија постоела со сите обележја на Држава многу векови наназад и тоа Павлопулос и сличните нему многу добро го знаат, но се плашат да го признаат! Грчките иреденти, националисти и радикали треба да одговорат на едно многу едноставно и логично прашање, ако Македонија навистина не постоела, или секогаш била дел од Грција, како што тие тврдат, зошто тогаш нивната асимилаторска власт после 1913 имала потреба да ги смени сите топоними во присвоената Егејска Македонија?

Павлопулос упорно и со умисла упатува провокации кон Македонскиот народ. Во изминатиот период испраќаше отровни стрели од Воден, Солун, Костур, Сер, кои сведочат за историски огромната неправда која на Македонија и е нанесена со Букурешкиот договор.

За жал, додека ние дома си ги вадиме очите затоа што најодговорните Македонски политичари не можат да се усогласат и да изградат консензус за стратешките национални прашања, нашиот јужен сосед подмолно работи на остварување на нивните големо национални идеи од минатиот век. Ниту континуираните провокации на Павлопулос, Ципрас, Каменос, Коsијас, Кумуцакос, ниту последното барање на официјална Атина со експертска Комисија да ги „чисти“ Македонските учебници од Македонштината не делуваат отрезнувачки на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ .

Македонската Алијанса уште еднаш го реафирмира повикот за национално Македонско помирување заради заштита на интересите на Македонскиот народ. Крајно време е лидерите на Македонските политички партии да преземат конкретни дејствија каде без калкулации ќе се стават во одбрана на националниот идентитет.

Сега е моментот да се одважиме и да ги прекинеме преговорите! Секој нова фаза ќе не носи поблиску до бездната. Доста е од конструктивност и сервилност кои и во минатото и сега не ни донеле никаков ефект, освен нови и се поголеми понижувања. Да покажеме конечно дека сакаме во ЕУ и НАТО, ама не по секоја цена.

Единствениот став на Македонските политички партии за стратешките интереси на Македонскиот народ и Држава е неопходен периодот што следува. Само на таков начин ќе се создадат предуслови за конечното остварување на вековниот сон за обединета, силна и економски просперитетна Татковина!

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател, 

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски