Почитувани,

 

Во врска со интервјуто на Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, кој потврди дека Договорот за добрососедски односи е финализиран и дека дебатата за неговата содржина ќе се одвива после неговото потпишување, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

 

Прво, фактот што интервјуто на Никола Димитров следеше веднаш после интервјуто на неговата Бугарска колешка Екатерина Захариева треба да ни стане јасно дека се работи за смислено сценарио за сихронизирано дејствување и туркање на работите со политички мускули.

 

Второ, шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера на јавна сцена го демантираше својот шеф во Владата Зоран Заев, кој пред два дена тврдеше дека Договорот за добрососедски односи е во “нацрт – фаза“ и дека може да претрпи измени и подобрувања. Дали вчерашниот настап на Димитров е со амин на Заев и епизода во политичката игра на „добар и лош полицаец“, на Македонската јавност ќе мора да и одговори лично Премиерот?

 

Трето, со својот настап Димитров потврди дека во овој формат Договорот не содржи експлицитни и прецизни одредби за заштита на Македонскиот национален идентитет. Неговите неуверливи и дипломатски одговори дека постигнатиот Договор не го загрозува националниот интерес на Македонија, укажува на тоа дека Бугарската Влада не го сменила ставот кон Македонскиот народ.

 

Четврто, алибито на Димитров дека Договорот не може да се дебатира пред да се потпише е крунски доказ дека Владата го крие, затоа што Договорот е лош за Македонија и затоа сака да го протурка на мала врата и набрзина, ризикувајќи да ја стави Татковината во незавидна ситуација.

 

Петто, новата Влада на Заев и Димитров, доколку го прекрши своето ветување и потпише Договорот без претходна широка дебата на стручната и политичка јавност, свесно и со умисла ја презема целата одговорност за сите негативни последици за Македонија и нејзиниот меѓународен углед, што ќе настанат до неговата евентуална ратификација во Собранието.

 

Македонската Алијанса единствено се согласува со општата теза на Димитров дека Државен интерес на Македонија е да има пријател во соседна Бугарија. Но, клучното прашање е по која цена? Да се откажеме од своите браќа и сестри Македонци кои живеат во таму? Да прифатиме искривување на историските факти во полза на Бугарија? Да не бараме Бугарија недвосмислено да го признае нашиот Македонски национален идентитет? Да прифатиме уцени и условувања?

 

Дали, по истиот принцип, ако прифатиме се што ни бара Грција, и таа ќе стане наш најголем пријател?  А што ќе остане од нашата заедничка Татковина ако потклекнеме и ги прифатиме сите непринципиелни уцени, услови и барања? Ќе постои ли тогаш Македонски народ, јазик или ќе станеме народ кој говори јазик согласно нашиот Устав – неодредени, безимени и целосно обезличени? Каква е таа Држава и каков е тој народ без своја историја и идентитет?

Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека Договорот за добрососедски односи со Бугарија е дел од поширок и штетен план за Македонија и Македонскиот народ. Вака набрзина усогласен текст е замка, во која ако влетаме, широко ја отвораме можноста за официјална Атина да ни го зададе последниот удар, промена на името и откажувањето на Македонскиот национален идентитет. Зголемените очекувања и широкиот оптимизам дека нешто радикално ќе се подобри и реши со потпишувањето на овој Договор со Бугарија, дека Македонија е ставена на брза лента, паѓаат во вода кога Помошникот Генерален Секретар на НАТО, Таџан Илден, среде Македонија порачува дека без решение на спорот за името нема влез во Алијансата.

 

Новата Влада договори парламентарно мнозинство кое овозможи нивни кадри да станат Државни функционери, да спроведуваат нивни програмски цели за да го подобрат животот на граѓаните, ама во ниту еден случај не добија мандат  евентуално да се раздаваат со најсветото Македонско име и идентитет.

 

Македонскиот народ нема да дозволи велепредавство, без разлика дали ќе се направи со сторување или лажно противење. Доста е од политички игри и манипуации!

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                Ѓорѓија Џорџ Атанасоски