Во врска со интервјуто на Бугарскиот Министер за одбрана Красимир Каракачанов кој во Скопје, на денот на еден од најголемите Македонски празници Илинден даде серија на провокативни изјави за Бугарската ТВ Нова, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упати следната реакција:

Македонската Алијанса освен што најостро ја осуди провокацијата на Каракачанов кој среде Скопје, со умисла и подмолно ја повтори својата позната идентентистичка и националистичка реторика, туку упативме и неколку логични барања до Владата на Република Македонија, за кои сметавме дека би биле логичен дипломатски реципроцитет после ваков скандал на Министер за одбрана во Владата на Бојко Борисов, која упорно инсистираше на потпишување на Договор за добрососедски односи, наметнувајќи го како услов за нашите Евроатлански интеграции.

Имено, побаравме од Владата на Зоран Заев и Радмила Шекеринска веднаш јавно и остро да ја осудат провокацијата на Красимир Каракачанов и да побараат од Бугарскиот Премиер Бојко Борисов веднаш да се огради од ваквиот став на неговиот Министер за одбрана.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров да го прогласи за “персона нон грата” и за да ги заштити своите национални интереси веднаш да му забрани влез на Красимир Каракачанов во Македонија, бидејќи и покрај негови претходни испади, на Илинден беше примен со сите Државни почести, повторно се обиде да го понижи Македонскиот народ.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска да се заблагодари и веднаш во знак на протест да ја испрати назад во Софија сета воена помош што ја доби Македонија за справување со пожарите. Се додека Красимир Каракачанов е Министер за одбрана на Бугарија не прифаќаме никаква понатамошна соработка.

За жал, Владата на Република Македонија цела недела молчи за скандалозната провокација на Каракачанов која “де јуре” претставува прекршување на Договорот за Добрососедство и тоа истиот ден кога беше потпишан во Скопје.  Наместо како Држава да ставиме јасно до знаење дека нема да дозволиме да си играат мајтап со нас, ние уште го примивме Претседателот на Бугарскиот Парламент Димитар Главчев во Македонија, без да му упатиме никаква реакција. Како ништо да не се случило!

Да се разбереме, Гоце Делчев и Даме Груев ќе станат Бугари тогаш кога Бугарските историчари ќе докажат дека на Марс има Бугарска колонија. Ниту “Илинден” е Бугарски празник, ниту ние имаме заедничка историја со нив. Македонија и Македонскиот народ, особено за време на Втората светска војна, беа на вистинската страна, на фронтот за слобода и правда, се бореа против фашизмот, и заради тоа беа жртва на Бугарската окупаторска војска. Тоа е еден од најпрецизните историски факти дека Македонците и Бугарите не се и никогаш не биле ист народ.

Сепак, Красимир Каракачанов не е од вчера и како актуелен Министер за одбрана во Бугарската Влада точно знае какви последици предизвикува неговата националистичка реторика.

Неговата дрскост е доказ дека сме во право кога тврдиме дека Бугарските власти немаат искрен пристап во обидот да се затворат отворените прашања што ги оптеретуваат нашите билатерални односи со децении. Во спротивно, со Договорот експлицитно ќе го признеа Македонскиот национален идентитет и ќе прифатеа обврска да ги спроведат пресудите на Европскиот Суд за човекови права и да го регистрираат ОМО Илинден-Пирин. Македонија  со ваков пристап попушта несразмерно многу и прифаќа обврски со кои си пука директно во нога нанесувајќи огромна штета на своите меѓународни позиции. Како што тргнало, додека Македонските власти свесно молчат за провокациите од Бугарска страна, заради одредени несреќно прифатени одредби, утре кога ќе реагираме кога некој во Скопје ќе се обиде да прави панихида за Мара Бунева, Бугарската Влада ќе смета дека е прекршен Договорот за добрососедски односи.

Во оваа прилика уште еднаш предупредуваме дека евентуална ратификација на ваков Договор ќе и даде дополнителен мотив на официјална Атина да ни го зададе последниот удар, со аргументација дека ние самите сме се откажале од нашиот национален Македонски идентитет.

Затоа, доколку Договорот за добрососедски односи со Бугарија, во ваква форма на сила се ратификува во Собранието, Македонската Алијанса со сите политички средства ќе се бори Македонија еднострано да го раскине Договорот, повикувајќи се на членот 13, точка 3.