Во врска со интервјуто на Градоначалникот на Дебар, Ружди Љата, кој за телевизијата која известува на Албански јазик „Арт Канал“ изјавил дека душата на Дебарчани е во Тирана, верувајќи дека нивниот сон ќе се оствари, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната писмена реакција:

Македонската Алијанса ја осудува неодговорната изјава на Градоначалникот на Дебар, Ружди Љата, која се вклопува во трендот на скандалозни и провокативни изјави кои имаат за цел да предизвикуваат меѓуетнички тензии. Ги повикуваме Албанските политички партии да ги осудат ваквите изјави и да повикаат на воздржаност и внимателност во настапите на политичарите од нивните редови.

Јасно е дека серијата настапи на Албанскиот Премиер, Еди Рама, од мешањето во внатрешните работи на Македонија до заканите за промена на границите на Балканот, се директен повод и ги стимулираат ваквите изјави, кои за жал се дел од реториката на националистичките и радикални структури кои сонуваат за „Илирида“.

Како би се доживеала изјава на Градоначалникот на Пустец дека крвта и душата на нашите браќа и сестри Македонци од Албанија е во Скопје и веруваме дека нашиот сон ќе се оствари? Како би реагирал Еди Рама на ваква изјава?

Уште еднаш ги повикуваме Албанските политички фактори во Македонија да ги повлечат радикалните и неразумни барања содржани во Тиранската платформа, кои ја премостија политичката криза на меѓуетнички план. Политичкиот договор во „Пржино“ не беше склучен за да се испорачуваат етнички услови за формирање Влада, туку за да се расчистат сите обвинувања за фалсификување на изборната волја на претходните избори и правно да се разреши скандалот со прислушувањето.

Македонскиот народ никогаш нема да дозволи оспорување на Македонскиот национален идентитет од внатре, што е предуслов за реализирање на завршниот удар за обезличување на Македонскиот народ и Држава по Грчки терк.

Во овој исклучително турбулентен период за Македонија, најодговорните Македонски политички партии мораат да разберат дека немаат друг избор освен да се издигнат над суетите и тесно партиските интереси и конечно сите на дело да покажеме дека знаеме да се обединиме за иднината на нашата заедничка Татковина.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА Претседател
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски