Почитувани,

 

Во врска со интервјуто на Министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, која за Бугарска телевизија изјави дека Договорот за добрососедство е финализиран и нема намера да води нови преговори, и дека за прашањето за признавање на Македонците кои живеат таму треба ние да одлучиме дали ќе сме продолжиле да бидеме изолирани уште 11 години од светот и соседите, правејќи се многу големи, или сме сакале Европска перпектива и развој, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

 

Најновиот медиумски настап на Екатерина Захариева ги бетонира позициите на Бугарската Влада. Според нив, Договорот за добрососедски односи кои се разгледувал на затворена седница на Комисијата за надворешни работи во Собранието, не е „нацрт – фаза“ која може да се подобрува, како што тврди Премиерот Зоран Заев, туку финална верзија од типот „земи или остави“.  Нови преговори нема како што нема ниту некакви подобрувања на текстот!

 

Тврдењето дека Договорот ќе бил потпишан на празникот „Илинден“ со формулација заснована на Декларацијата од 1999 година, како Македонски јазик според Уставот на Република Македонија и Бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија, не е никаква гаранција ниту обврзувачка одредба со која Бугарија презема обврска да не го оспорува Македонскиот национален идентитет. Особено што, Захариева тврди дека во Договорот ќе биле вградени механизми за следење на неговата примена, заедно со експертска Комисија од историчари и општествени работници кои ќе работеле на подобрување на училишните програми врз база на легитимни историски извори. Ова неминовно упатува на тоа дека потпишувањето и ратификувањето на ваков текст на Договор не значи затворање на сите билатерални отворени прашања што не оптеретуваат со децении туку Бугарија си задржува одредени механизми со кои може да ја уценува Македонија на Евроатланскиот пат и понатаму. Катастрофално и штетно за нашите национални интереси!

 

Клучното прашање е зошто ако Бугарија има искрени намери и го признава Македонскиот народ и јазик не сака да ги спроведе пресудите на Европскиот Суд за човекови права и не признае дека таму живеат Македонци? Зарем Македонци живеат само во постоечките граници на Република Македонија каде важи нашиот Устав? Како тоа Бугарија има право преку Европратениците Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев во Европскиот парламент да тврди дека во регионите на Голо Брдо и Гора во Албанија, каде живеат Македонци, постои Бугарско малцинство само по основ на Бугарски пасоши и со Резолуција да бара малцински права, а ние не смееме да се грижиме за нашите браќа и сестри од Пиринскиот регион?

 

Кога веќе Захариева тврди дека Бугарија не преговара со партии туку со Владата на Зоран Заев, Македонската Алијанса ја прашува во чија коалиција е партијата на Красимир Каракачанов, и чиј Министер за одбрана е тој? Бидејќи токму тој нејзин колега кој седи со неа во истата Влада, со децении јавно се залага и прокламира дека Македонски народ не постои, дека ние сме Бугари, кои не говорат Македонски јазик, туку некаков Бугарски дијалект, и со тоа директно работи на влошување на добрососедските односи. Го смени својот досегашен став Красимир Каракачанов како дел од Владината Бугарска коалиција или ќе продолжи со својот национализам и понатаму? Дали неговиот Европратеник Ангел Џамбаски ќе ја повлече иницијативата во Европскиот Парламент за оспорување на нашето историско реферирање на античките корени, за што сме сигурни дека е во координација со политиката на официјална Атина за да им се наштети на Европските перпективи на Македонија?

 

Сметаме дека најскандалозна е тезата на Захариева дека за прашањето за признавање на Македонци кои живеат таму, ние самите сме требале да одлучиме дали ќе сме продолжиле да бидеме изолирани уште 11 години од светот и соседите, правејќи се многу големи, или сме сакале Европска перпектива и развој.  Македонската Алијанса ваквата скандалозна изјава ја толкува како директна уцена и закана од Бугарска страна. Ова нема никаква врска со добрососедски пристап. Ова значи дека Договорот треба да се преименува во Договор за прифаќање на хировите и условите на Бугарската Влада.

 

Во Договорот, Македонија не може да прифати сомнителни одредби за Македонскиот национален идентитет, како што не смее да се откаже од своите браќа и сестри Македонци кои живеат надвор од границите на Републиката и не може да превземе обврска за менување на историските факти. Македонија и Македонскиот народ за време на Втората светска војна беа на вистинската страна, на фронтот за слобода и правда, се бореа против фашизмот, и заради тоа беа жртва на Бугарската окупаторска војска. Тоа е еден од најпрецизните историски факти дека Македонците и Бугарите не се, и никогаш не биле ист народ.

 

После интервјуто на Захариева, нема никакви дилеми дека Договорот за добрососедски односи, без разлика на зголемените очекувања и широкиот оптимизам дека нешто радикално ќе подобри и реши, всушност претставува замка за Македонија и Македонскиот народ, во која ако влетаме, самите ќе си пукаме во нога, бидејќи  широко ја отвораме можноста за официјална Атина да ни го зададе последниот удар, промена на името и откажувањето на Македонскиот национален идентитет.

 

Тоа Македонскиот народ никогаш нема да го дозволи!

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                Ѓорѓија Џорџ Атанасоски