Почитувани,

Во врска со интервјуто на Албанскиот Премиер Еди Рама за „Политико“, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната писмена реакција:

Со секој нов јавен настап Еди Рама продолжува, со скандалозни и провокативни ставови, да инвестира во подолготрајна дестабилизација на целиот регион. Освен што упорно се меша во внатрешните прашања на Македонија, провоцирајќи дека Албанците се конститутивен народ, дека според него Македонија е веќе бинационална Држава, сега почна да се заканува и со промена на граници.

Дали е свесен актуелниот Албански Премиер каква значење има неговата изјава дека ако перспективите за влез на земјите од регионот во ЕУ продолжат да бледнеат, тогаш не е исклучено обединувањето на Косово и Албанија? Дали е ова повик до Албанците од Македонија кои по плановите на Рама треба да станат дел од новиот евентуален сојуз меѓу Албанија и Косово, само затоа што официјална Атина ги блокира нашите Евроатлански интеграции?

Држењето на опцијата за редефинирање на границите на Балканот е неодговорно потпалување на националистичките и радикални структури кои сонуваат за „Илирида“ и има за цел на еден крајно опасен начин да си подигрува со чувствата на Албанците кои се малцинство во Србија, Грција и Македонија.

Како е можно Еди Рама да тврди дека Тиранската платформа е мит кој бил создаден од политички причини? Платформата не е измислица туку реалност и според Албанските лидери во Македонија, услов без кој не се може при формирање на Влада. Албанскиот Премиер не е политички наивец кој не е свесен за последиците од собирањето на речиси сите Албански фактори од Македонија во Тирана на Божиќ за да објават Платформа, која во својата основа мотивира етнички поделби и служи за премостување на долготрајната политичка криза во Македонија на меѓуетнички план.

Македонската Алијанса ја повикува ЕУ да ги осуди ставовите на Албанскиот Премиер кој директно и отворено го оспорува Македонскиот национален идентитет и отвора можност за остварување на Грчкото сценарио за завршен удар за обезличување на Македонскиот народ и Држава.

Во овој исклучително турбулентен период за Македонија, најодговорните Македонски политички партии мораат да разберат дека немаат друг избор освен да се издигнат над суетите и тесно партиските интереси и конечно сите на дело да покажеме дека знаеме да се обединиме за иднината на нашата заедничка Татковина.

Првиот фундаментален чекор е единствено и целосно отфрлање на Тиранската платформа која во суштина го поништува Охридскиот Рамковен договор и ги потценува сите досегашни придобивки од него.

Второ, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ мора неодложно да се усогласат и да соопштат дека никој нема по ниту една цена или притисоци да прифати да разговара и преговара за промена на Уставното име и Македонскиот национален идентитет

Трето, на Македонија и е итно неопходен попис кој ќе даде најдобар одговор за радикалните барања во Тиранската платформа.

Македонската Алијанса уште еднаш ги повикува најодговорните Македонски политички лидери да бидат на висината на задачата, да бидат целосно свесни за предизвиците со кои се соочува Татковината, и добро да размислат за секој нивен потег во наредниот период.