Атанасоски: Само напред херои – Вие сте нашата национална гордост!
Почитувани,
По повод освојувањето на Европскиот трон од Ракометниот Клуб Вардар, до тренерот
Раул Гонзалес Гутиерез и капитенот на спортскиот колектив, Стојанче Стоилов, денес,
Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната
писмена честитка:
Во името на целата Македонска Дијаспора, со чувство на огромна национална гордост и
задоволство Ви го честитам огромниот успех. Со одлична спортска игра, силен дух и
пожртвуваност Вие ја покоривте Европа. Покажавте како се сака Македонија,
Македонското знаме и се почитуваат Македонските граѓани, чие срце насекаде низ светот
чукаше заедно со Вашите, на секој натпревар на Вардар. Изразувам почит за играчите,
заедно со тренерот, кои иако доаѓаат од земји надвор од Македонија, со своите постапки
покажаа како се почитува нашата заедничка Татковина.
Само напред херои Вие сте нашата национална гордост!
Вие се качивте на највисокото место на Европскиот пиедестал и постигнавте до сега
незапаметен успех во машка конкуренција. Со Вашиот херојски подвиг, покажавте и
докажавте дека на Македонија и е местото во Европа, дека имаме спортски тим, го имаме
Вардар кој знае како се победува. Така се брани Македонскиот национален идентитет и
вековното Македонско име.
Македонија знае како се победува! Ги наполнивте плоштадите, ни ги наполнивте срцата,
победата се слави низ целиот свет.
Вашиот историски успех со златни букви ќе биде испишан во модерната Македонска
историја.
Бог да ја чува Татковината!
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски