Акбаршон Џалилов е осомничениот атентатор самоубиец  роден 1995 година во градот Ош, изјави денеска портпарол на киргистанската тајна служба ГКНБ. Од Киргистан се вели дека тој имал и руско државјанство.
Претходно Ројтерс пренесе дека напаѓачот бил поврзан со радикална исламистичка група забранета во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој беше во посета на Санкт Петербуг кога се случи нападот, синоќа го посетил местото на експлозијата каде положил букет цвеќе на влезот од метрото.


Советот за безбедност на Обединетите нации го осуди „варварскиот и кукавички терористички напад“ во Санкт Петербург и повикал сторителите на злосторството да бидат изведени пред лицето на правдата.

Американскиот претседател Доналд Трамп, како што соопшти Белата куќа, телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, при што му изразил сочуство и му дал целосна поддршка во борбата против тероризмот.

„Претседателот Трамп и претседателот Путин се сложија дека е потребно тероризмот дефинитивно и брзо да биде совладан. Претседателот Трамп ја понуди целосната поддршка на американската влада во одговорот кој Москва ќе го даде по убиствениот напад во метрото во Санкт Петербург и ќе пружи помош одговорните да се изведат пред суд“, било наведно во соопштението од Белата куќа, пренесуваат светските агенции.

Во експлозијата во метрото во Санкт Петербург вчера загинаа 14 луѓе, а над 40 се повредени. Според наводи на руската тајна служба ФСБ, експлозијата се случила во 14:40 часот по локално време, во воз кој бил на релација меѓу станиците Сенаја Плошчад и Технолошки институт во центарот на Санкт Петербург.