СПОРТ

Турбуленции во македонската федерација

ФУДБАЛОТ ГО УНИШТИЈА ФУНКЦИОНЕРИТЕ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Претседателот на фудбалскиот клуб "Брегалница" Делчево, Ордан Камчев, обвини конкретни лица во фудбалот.
  • Харалампие Хаџиристески, претседател на Фудбалска федерација на Македонија одговори дека Ордан Камчев има неостварена амбиција да стане раководител на ФФМ.
  • Тоа што сега се зборува јавно за работите што се случуваат во ФФМ, на сите ни е јасно дека ќе заврши како да се зборувало во ветер затоа што досега постојано се случувало преку определени компромиси да се заобиколат проблемите.

Фудбалските случувања во Македонија никако да загубат од својот интензитет и скандалозност. Само што сите ќе помислат дека нешто почнало да се движи во определен правец, дека конечно работите добиваат некоја определена насока на дејствување, тогаш стануваме сведоци на нешто сосема спротивно кое не шокира и запрепастува. Тоа ни се случува денес. Се напаѓаат сопствениците на клубовите и функционерите во федерацијата, а фудбалот тоне.

ПРВЕНСТВО

Ако сите клубови беа едногласни дека судењето на крајот од минатото првенство е фер и коректно тогаш на почетокот од новото сите се едногласни дека нешто мора да се менува затоа што никогаш досега првенството не почнало со толку скандалозно судење. Иако се одиграни само неколку кола од новото првенство сепак уште од сега почна гласно да се зборува за фаворизирање на определени клубови и дека уште од сега се знаат сите клубови што ќе испаднат, како и оние клубови кои ќе излезат во Европа. Шпекулациите одат до таму што уште од сега се тврди дека се знае кој ќе биде шампион. Навистина ова првенство уште од самиот почеток е единствено. Досега никогаш не се знаело од почеток кој ќе биде шампион. Ова секако е резултат на нефункционирањето на Одборот на прволигаши чија единствена задача ќе беше клубовите да го земат организирањето на превенството во свои раце и на тој начин да ја минимизираат, односно да ја маргинализираат улогата на фудбалската федерација.

ОТВОРАЊЕ НА КАРТИТЕ

Први кои се решија да прозборат за актуелните состојби во македонскиот фудбал се група на прволигаши кои се предводени од “Брегалница”, од Делчево и “Вардар”. Тие на една неформална конференција ги отворија картите и јавно кажаа што се случува во македонскиот фудбал. Најгласен од сите беше претседателот на “Брегалница” од Делчево, првиот целосно приватен клуб во Македонија, Ордан Камчев, кој што беше и најконкретен во обвинувањата. За прв пат од еден претседател на клуб беа обвинети одредени лица за конкретни настани. Имено, господинот Камчев јавно изнесе дека судијата Делчо Јакимовски му побарал 1.000 евра за да суди во корист на “Брегалница” во текот на првенството. Потоа го обвини потпретседателот на ФФМ, Беџети, кој му побарал провизија ако сака аранжманите на репрезентацијата да одат преку туристичката агенција на Ордан Камчев. Исто така, тој обелодени дека на еден ден пред натпреварот на “Брегалница” со “Победа”, во Делчево, кај него се појавиле директорот на “Победа”, Александар Забрчанец и Џаро, и му понудиле да играат реми, но овој предлог го одбил.

Камчев со сериозни обвиненија

На овие обвинувања се придодаде и претседателот на “Вардар”, Борче Ристевски, кој рече дека досега не се случило уште на почетокот на првенството да има толку лобирања и обиди за местење на натпреварите, и рече дека оваа година се прави се да се фаворизираат определени клубови. Тој беше дециден дека годинава, од самиот старт на првенството, се фаворизираат клубовите “Победа” и “Слога Југомагнат”, и дека се ќе се направи двете екипи да се издвојат на табелата. Господинот Ристески отиде дури и многу подалеку кога јасно кажа дека оваа година првак ќе биде екипата на прилепска “Победа”. Обвинувањата понатаму се префрлија кон претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџиристески, кој беше обвинет за фаворизирање на неговиот поранешен клуб “Победа”, како и за тоа дека никаде не е познато еден претседател на фудбалска федерација да биде и сопственик на спортски кладилници.

ПРОТИВ УДАР

Реакцијата на раководството на ФФМ и конкретно на претседателот Харалампие Хаџиристески беше тоа што Ордан Камчев беше обвинет дека има неостварена амбиција да стане претседател на ФФМ. Тој беше обвинет дека преку определени луѓе кои сега се фаворизираат од негова страна сака да дојде до значително влијание во фудбалската федерација на Македонија. Исто така, овој одговор беше искористен и да им се каже на сите дека ова раководство на ФФМ, успеало празната каса на ФФМ да ја доведе до позитива од 900.000 евра. За оние кои малку го следат фудбалот и случувањата околу него овие работи се добро познати. Од сета оваа ситуација може да се извлече заклучок дека сите првенства досега одиграни во Македонија биле наместени. Дали местењата се случувале на почетокот, или на крајот од првенството е ирелевантно. Факт е дека местење имало и дека сите молкум го одобрувале тоа. Колку тоа било продуктивно се гледа од успесите на нашите клубови и нашата репрезентација на европска сцена каде сме далеку на маргините. Тоа што сега се зборува јавно за работите што се случуваат во ФФМ, на сите ни е јасно дека ќе заврши како да се зборувало во ветер затоа што досега постојано се случувало преку определени компромиси да се заобиколат сите закани кои претходно биле дадени. Очигледно е дека треба да се направат многу работи кои од корен ќе ги сменат размислувањата на нашите фудбалски челници. Се додека фудбалот го водат луѓе кои се далеку од спортот, а се таму за задоволување на своите интереси овој спорт во Македонија нема да тргне од мртва точка.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"