СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

Житијата на сите досега познати македонски светители (21)

КАЗНУВАНО ОТВОРЕНОТО ПРОПОВЕДАЊЕ НА ВЕРАТА ВО ХРИСТА

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • Воденчанката Васа била погубена заедно со своите три деца заради верата во Христа
  • Свети Спасо Радовишки е иста личност со свети Анастасие Радовишки!

Продолжуваме со житието на свети Авакум, чиј празник се слави на 7 август (стар стил), т.е. на 20 август (нов стил). Во литературата што ја консултиравме има малку податоци за овој светител. Само се знае дека пострадал во името на Исус во Солун во 1628 година. Споменот за неговото страдање бил забележан во записите на Листот 155 (ракопис 089) во Големата лавра на Света Гора.

Најверојатно дека овој маченик бил убиен од Турците заради отвореното проповедање на верата во Христа. Во времето во кое живеел (17 век) забележан е голем прилив на муслиманско население во Македонија поради што веројатно се случувале чести расправии и судири со домородните христијани, кои по правило завршувале пред државните органи во полза на муслиманите.

СВЕТА ВАСА И НЕЈЗИНИТЕ ТРИ ДЕЦА

Нивниот празник се слави на 21 август (стар стил), т.е. на 3 септември (нов стил). Во житието на овие маченици читаме дека тие живееле во градот Едеса (Воден) во времето на царот Максимијан. Света Васа била мажена за некој паган кој се викал Валерие. Во бракот им се родиле синовите Теогоние, Агапие и Пист. Набргу Света Васа почнала да ги воспитува своите деца во христијански дух. Заради тоа од својот маж била наклеветена на власта. Била изведена на суд каде отворено изјавила дека е христијанка, по што била затворена заедно со своите три сина. Бидејќи ниту еден од нив не сакал да се откаже од Христа, биле подложени на сурови мачења. Пред очите на Света Васа прво ги мачеле нејзините деца, а потоа и ги погубиле. Света Васа ја затвориле во темница каде не и било давано храна. Потоа била терана да им принесе жртва на идолите, но таа ја фатила статута на Зевс и ја треснала на земјата. Тогаш била одведена на брегот на морето и била фрлена во разбранетата вода, но по осум дена се јавила жива на островот Хелеспонт. Таму пак била фатена и мачена, а на крајот главата и била отсечена.

Царот Максимијан владеел од 286 до 305 и од 306 до 308 година. Тоа значи дека Света Васа и нејзините деца Теогоние, Агапие и Пист биле родени во втората половина на 3 век, а најверојатно биле маченички убиени на самиот почеток од 4 век.

СВЕТИ ЛУП СОЛУНСКИ

Неговиот празник се слави на 23 август (стар стил), т.е. на 5 септември (нов стил). Свети Луп бил слуга на Свети Димитрија Солунски. Откако Свети Димитрија бил убиен, свети Луп ги зел неговата крвава кошула и прстен (што свети Димитрија претходно му го дал) и продолжил низ Солун да ја проповеда верата во Христа. Поради тоа и самиот бил осуден на смрт и погубен во 304 година.

Повеќе детали за настанот со Свети Димитрија се предадени во неговото житие (26 октомври, стар стил, т.е. 8 ноември, нов стил).

СВЕТИ СПАСО РАДОВИШКИ

Неговиот празник се слави на 29 август (стар стил), т.е. на 11 септември (нов стил). Свети Спасо Радовишки бил роден во 1774 година во Радовиш, поради што и му останал прекарот Радовишки. Во тоа време Радовиш било село во Струмичката епархија. Родителите уште од мал го воспитувале Спасо во духот на Христовата вера. Кога пораснал отишол да учи занает во Солун. Таму некои Турци го терале да го прими исламот, но тој упорно ги одбивал. Трипати бил изведуван на суд каде бил теран и заплашуван да се откаже од Христа, но тој смело изјавувал дека останува верен на вистинската вера. Потоа бил изведен пред највисокиот судија. Тој прво се обидел со нудење разни подароци да го натера да се приклони кон исламот, но Свети Спасо сето тоа го одбил. Поради тоа бил затворен и мачен. За време на мачењето повторно бил убедуван да се откаже од Христа, но тој не попуштил и секогаш смело одговарал: "Јас сум христијанин и нема да се откажам од својата вера" Бил осуден на смрт и кога го воделе надвор од градот за да го обесат, поради големата истоштеност, паднал на патот и така ја предал својата душа на Исус. Имал само дваесет години.

Призор од рождеството Христово

Од страна на некои црковни историчари Свети Спасо Радовишки во повеќе наврати е третиран како различен светител од Свети Анастасие Радовишки. Но, ова е сосема погрешно. Свети Спасо Радовишки и Свети Анастасие Радовишки се една иста личност. Анастасие претставува грчки превод на македонското име Спасо и овие имиња имаат иста етиломогија. На ова прв укажа прим. д-р Тодор Влахчев во неколку свои трудови, меѓу кои и во фељтонот: "Светители Македонци, кои не се застапени во Календарот на Македонската Православна Црква" (објавен во "Македонско Сонце", од 20.06 до 01.08.1997)

За состојбата во Македонија во 18 век претходно пишувавме во житието на Света Кирана, чиј празник се слави на 28 февруари (стар стил), т.е. 7 март (нов стил).

СВЕТИ АТАНАСИЕ СОЛУНСКИ

Неговиот празник се слави на 8 септември (стар стил), т.е. на 21 септември (нов стил). Свети Атанасие се родил во 1749 година селото Колијаки близу Солун. По завршувањето на школувањето во Солун, заминал за Света Гора во манастирот Ватопед. Оттаму заминал за Цариград, а потоа се вратил во Солун. Бидејќи добро зборувал турски и арапски честопати разговарал со Турците за прашања околу верата. Еден ден некој го наклеветил на власта дека бил муслиман, кој поминал во христијанската вера. Поради тоа бил изведен на суд и откако таму изјавил дека Исус е единствениот Бог, бил мачен, а потоа бил обесен надвор од Солун. Тоа се случило во 1774 година. Тогаш свети Атанасие имал 25 години.

Веќе пишувавме дека строго било забрането муслиман да помине во христијанството и дека таквите лица биле осудувани на смрт. Спомнавме и дека оваа закана се однесувала и на оние христијани кои наводно пред сведоци изјавувале дека сакаат да поминат во исламот. Сосема е веројатно дека некои Турци ова го злоупотребувале, т.е. го користеле за да се ослободат од повидните христијани. Едноставно, наоѓале лажни сведоци, кои лажно ги обвинувале ваквите христијани, по што тие биле принудувани или навистина да прејдат во исламот или (што често се случувало) да бидат погубени. Според податоците во жититето на Свети Атанасие, по се изгледа дека и него го снашла истата судбина затоа што очигледно дека со своите знаења стекнати на Света Гора и со своето познавање на турскиот и на арапскиот јазик тој претставувал потенцијална опасност за фанатизираните муслимани. Најверојатно дека некаде во турските архиви и денес се чува документот за неговата погибија.

СВЕТИ МАКАРИЕ МОНАХ

Неговиот празник се слави на 14 септември (стар стил), т.е. на 27 септември (нов стил). Свети Макарие бил ученик на цариградскиот патријарх Свети Нифонт во времето кога тој се подвизувал во манастирот Ватопед на Света Гора. Уште тогаш кај него се јавила силна желба да го заврши својот земен живот во мачеништво за славата на Исус. Тоа му го кажал на Свети Нифонт, кој го благословил и му рекол дека Бог ќе му ја исполни желбата, дарувајќи му мачеништво. Тогаш Свети Макарие заминал за Солун. Таму видел група муслимани кои седеле и разговарале. Гласно почнал да им зборува дека Исус е вистинскиот Бог и почнал да им ја проповеда вистинската вера. Муслиманите отпрвин зачудено го гледале, а потоа му се нафрлиле и почнале да го тепаат. На крајот го фрлиле в темница. Утредента бил изведен пред суд, каде бил убедуван да се откаже од Христа и да го прими исламот. Тој им одговорил дека тие се во заблуда и дека тие треба да се откажат од својата вера и да бидат крстени. Кога судијата видел дека не може да го убеди, го осудил на смрт. Преподобниот прво бил жестоко тепан, а потоа главата му била отсечена. Истиот миг свети Нифонт добил видение за смртта на својот собрат и се помолил за неговата душа. Тоа се случило во 1527 година.

Иако во житието на Свети Макарие пишува дека неговото потекло не е познато, фактот што се подвизувал во Света Гора и што маченички решил да пострада токму во Солун, укажува на неговото македонско потекло. За состојбите во Македонија во 16 век веќе пишувавме.

СВЕТА АКИЛИНА

Нејзиниот празник се слави на 27 септември (стар стил), т.е. на 10 октомври (нов стил). Света Акилина била родена во 1746 година селото Заквилери во околината на Солун. Еден ден нејзиниот татко отепал некој Турчин. Веднаш бил одведен на суд, каде бил осуден на смрт. Но, тогаш таткото изјавил дека сака да го прими исламот поради што животот му бил поштеден. Во тоа време Света Акилина била мало дете, но кога наполнила осумнаесет години, Турците почнале да вршат притисок врз нејзиниот татко да ја преведе во исламот и неа. Таа не сакала ни да слушне, а во тоа имала поддршка и од својата мајка. Света Акилина му рекла на својот татко дека таа не е малодушна како него и дека никој не може да ја натера да се откаже од вистинскиот Бог и Создател на светот. Тогаш татко и ја предал на Турците кои ја извеле на суд. Мајка & и рекла да се држи смело на судот и да не попушта ни пред најсуровите мачења затоа што голема ќе биде наградата за неа на небесата. Кога Света Акилина излегла пред судијата тој отпрвин се обидел да ја предомисли, нудејќи & разни дарови и привилегии, но таа смело изјавила дека е христијанка и дека не се откажува од Христа. Судијата тогаш наредил нејзино мачење. Била врзана за еден столб и жестоко била тепана, но таа сето тоа херојски го издржала. Потоа пак била убедувана да го прифати исламот, но таа останала верна на љубовта кон Христа. Тогаш мачителите продолжиле да ја тепаат. На светителката & биле скршени сите коски и така била оставена да лежи. Некои христијани ја изнеле надвор и ја повикале нејзината мајка. Таа дошла, ја прегрнала својата ќерка и & рекла: "Што стори чедо мое?", а Света Аликина & одговорила: "Мајко, го направив она што ти ми го советуваше. Ја одржав верата своја." Кога го рекла тоа Света Акилина ја предала својата душа на Бога, добивајќи го венецот на мачеништвото.

Света Акилина е уште една жртва која пострадала во 18 век како резултат на тогашниот однос на османлиската власт кон христијаните. За состојбата во Македонија во 18 век веќе пишувавме.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"