Реагирање

Почитувана редакцио! Читајќи ги страниците на Вашето ценето списание забележав искажани невистини од страна на вашиот новинар Драган Зафиров. Имено, во број 467 од 13.6. 2003 година, на страна 47, во написот "Се во слава на Св. Троица", тој пишува, цитирам: "Но, во манастирот "Света Троица" во селото Мождивњак, Кривопаланечко ќе се одржи голема архиерејска литургија".

За каков манастир зборува авторот Зафиров не ми е јасно, но според нашата евиденција таму во селото Мождивњак постои само православен сакрален објект "Света Троица". Да потсетам дека во Кривопаланечко постои само еден манастир надалеку познатиот манастир "Св. Јоаким Осоговски".

Со произволности и невистини авторот Драган Зафиров настапува и во бр. 479 од 5.9. 2003 година во написот "Љубов во херувимите - мир во душата" на стр. 47. Тој во истиот текст ги доведува во заблуда читателите со искажување на голема невистина дека во селото Мождивњак има две цркви Голема и Мала "Св. Троица", како што во претходниот број тврдеше дека има манастир во истото село. Вистината е една, а тоа е дека во селото Мождивњак во служба на МПЦ постои само една православна црква и тоа "Света Троица".

За да биде појасно на читателите што всушност сака авторот да постигне, односно каже во своите текстови, вистината е следната.

Во селото Мождивњак покрај православната црква "Света Троица" постои и приватна црква (спротивна на христијанските канони), односно една соба искрасена со икони, која служи на Елица Здравковска, мајка на Боге Здравковски, да бае - врача, и ги задолжува граѓаните да донесуваат (било пари, стока и други предмети) и така таа финансиски опстанува. Додека во исто време православниот сакрален објект на МПЦ "Света Троица" финансиски се осиромашува, а и верниците се пренасочуваат во приватната црква. За да знае јавноста подобро парохискиот свештеник на патрониот празник Св. Троица и Свети Јован Крстител секогаш има расправии со Елица и Боге Зафировски, бидјеќи тие прават јадење и со своите поставени луѓе бајачи го лажат народот и верниците место во православната црква да одат во приватната црква на Елица и Боге Здравковски, која да напоменам не е осветена.

Тие имаат изградено уште една мала црква 1 м на 1 м спротивно на урбанистичките и архитектонски решенија и таму го лажат населенито дека има света вода. За вистината да кажам дека тоа е всушност издлабена дупка во камен која собира десет децилитри вода и кога нема никој таа ја полни со обична вода. Крстена вода донесува од другите цркви, како и колачи (панагии) и прави други дејности кои се спротивни со православните црковни канони.

Изнесена е невистина исто така во однос на тоа дека на 9 септември 1997 година Владиката Кирил извршил осветување на овие дивоизградени објекти. Тој за ова нешто е известен и го осудува ваквото нечесно однесување на Елица Здравковска и синот Боге. Во таа насока Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил е на мислење да стави епитамија (црковна казна) и тоа за подолго време.

За читателите да им биде појасно за служењето на Светата архиерејска служба, истата се служи само во православната црква "Света Троица" која ги задоволува црковните стандарди, додека во дивоизградената црква од само девет квадрати не е возможно да влезат десетина верници, а не да се служи и Света божествена служба.

На крајот да завршам со тоа дека и Македонската православна црква е против вака дивоизградените цркви (неосветени) каде на еден начин верниците ги лажат и ги оттргнуваат од правите христијански православни цркви во служба на Македонската православна црква.

Парохиски свештеник, Протојереј ставрофор Доброслав Бошковски, Крива Паланка


 Министерството за култура не реагира

Повод: (Вандалите пред Мегународниот суд, од Даниел Мелвил М.Сонце 12.9.2003)

Му благодарам на господинот Даниел Мелвил за интересот за македонското културно наследство. Ја разбирам неговата горчина по повод најголемата културна катастрофа што неодамна се случи на Македонија со уништувањето на дел од фондот на Александровата библиотека што беше откриена во една импровизирана пештера на планината Беласица.

Според претходното соопштение таму биле уништени 2 златни и 66 бакарни книги. Сепак, од сето напишано, господине Мелвил, главен виновник за оваа македонска катастрофа со невидени последици за македонскиот културен и стопански напредок како што може да се забележи од извештајот на Македонскиот центар за карпеста уметност е Министерство за култура, кое ниту до ден денешен никако не реагира, како да станува збор за национална трагедија на некоја земја од друга планета или друг сончев систем, а не за своја национална трагедија. Дури да стануваше збор за катастрофа на друга држава, Министерството за култура требаше да излезе со соопштение дека се сочувствува со таа невидена национална и светска катастрофа.

Но, го разбирам и Министерството, како сиромашно министерство да излезе со какво било соопштение, кога тоа со својата постапка директно ја предизвика оваа катастрофа од која Македонија никогаш нема целосно да заздравее. Таа е

тешко ранета, и во наредните 1000 години тешко ќе се движи. Министерството го пресекна најбогатиот материјален извор на државата, за да сега се чуди како и од каде да добие средства за заздравување на националната економија.

Јаким Георгиев, Скопје


Деца бегалци!!!

(Дел од писмото објавено на веб страната на "Виножито" – Грција)

Жената се движеше со брзи чекори низ селските гробишта. Таа имаше околу педесетина години и се движеше со одмерен и сигурен чекор. Изгледаше дека добро го познава местото. Двајца мажи на растојание еден од друг ја следеа со истиот чекор и одлучност; тие беа малку постари. Жената отвори мала железна порта , погледна десно и лево, како да се обидуваше да препознае нешто или да се ориентира и потоа решително се упати до средината. Кога веќе беше на средината, се сврти на десно, го забави чекорот и почна внимателно да гледа на земјата како да бараше нешто што изгубила. Двајцата мажи ја следеа одејќи по истиот пат. Наеднаш тие сватија дека сите тројца се на исто место и блиску еден до друг. Сите тројца бараа нешто меѓу сивите надгробни камења. Се погледнаа еден со друг. Присуството на другите двајца, секој еден го потсетуваше на нешто и сите тројца беа возбудени. Жената изусти: мајка ми. Двајцата мажи ги изустија истите зборови и во исто време со солзи во очите, со плач и писок тие изустија "Јана", а жената извика "Лазе" и "Лешко". Се прегрнаа и клекнаа врз едно издигнато место што изгледаше дека е гроб. Тројцата трепереа над гробот.

Издигнатите сиви камења што го означуваа гробот како да се разбудија од долгогодишниот сон, изгледаше како тие се извишуваа за да видат и разберат што се случува со тројцата кои понекогаш бедно плачеја и зборуваа на различни јазици, а понекогаш гледаа еден во друг незаситно.

Разбравме дека децата на бегалците и на ние што беа насилно регрутирани и иселени од војската ќе дојдат да го посетат нашето село. Некои тоа го слушнале на телевизија, а некои го прочитале во весниците. Всушност, тие нема да дојдат само во нашето село, туку во цела Македонија. Едни се прашуваа: зошто сакаат да дојдат и да ја видат нашата мизерија. Зарем не им е арно таму каде што се? Други коментираа дека "тие сакаат да ни го земат имањето, што некогаш припаѓало на нивните родители, но државата ни го додели нас; ние имаме документи, ние имаме ... " Трети се вознемирија, бидејќи прочитаа во весниците дека "тие беа автономисти и ја сакаат нашата Македонија. Тие ќе направат, како што е кажано, една држава со Скопје." Да кажаа најразумните "ќе дојдат со хелихоптери, Македонија ќе се наполни со нив и ќе ја однесат на север! Дозволете им на децата да дојдат и да видат на оние што се родени овде каде им е пресечена папочната врвца, каде нивните родители живееја, каде се гробовите на нивните прадедовци и кое е местото на нивното потекло. Тоа е носталгија луѓе „ностос„ дали сте слушнале за такво нешто? Оние кои никогаш немаат отидено во туѓина незнаат што е тоа. Покрај тоа, повеќето од нив се наши роднини. Зарем не сте љубопитни да ги видите, да ги слушнете? И немојте да мислите дека тие што ќе дојдат се деца; повеќемината ќе бидат педесетгодишнаци ако не и постари. Незаборавајте дека тие се иселија во 1948 година.

Петар Г. Воцис


Режија за 2001

Јазот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е се подлабок. Подлабоко го копа по правило партијата на власт. Порано ВМРО-ДПМНЕ, а сега СДСМ.

А, Положани со паралалеките добро изрежирани има за цел да се врати 2001. Сега негодуваат и демонстрираат Македонците, а утре Албанците. Ама ќе речат први почнаа тие.

Странците гледаат сеир на провокациите на министерот.

ДУИ има разбирање за криминалците (терористите), а кај Македонците нема меѓусебна прочка. Се назира ли 2001?

Битолската паралелка е грозна провокација која води во амбис. Запад треба да се извести зошто ќе следуваат нови. Половина од Владата молчи заради другата половина. Нека бидат незадоволни и нека демонстрираат ученциите.

Јелица Мисајловска


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"