КУЛТУРА

Дела од македонски уметници кои творат во Белград и Нови Сад

ЛИКОВНАТА УМЕТНОСТ СВЕТ БЕЗ ГРАНИЦИ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Академик Влада Урошевиќ за нив вели дека е многу тешко, речиси невозможно, да се рече што ги обединува овие петнаесет ликовни уметници кои се различни во своите настојувања и во своите остварувања освен едно: тие се сите по потекло од Македонија.

Во Македонската академија на науките и уметностите беше отворена изложба на дела од петнаесет ликовни уметници Македонци кои живеат и творат во Белград и Нови Сад. Делата се поставени во Ликовниот салон на МАНУ од 15 септември, а љубителите на оваа уметност ќе можат да ги видат до 6 октомври.

"Летечки плодови" од Младен Србиновиќ

"Свети Климент во композиција" од Стојан Пачов

"Ангели чувари" од Борис Мациев

На изложбата со свои дела се застапени бардот на современото српско сликарство Младен Србиновиќ, потоа Богољуб Ивковиќ, Славе Дуковски, Божидар Дамјановски, Киро Станковски, како и Мирјана Крстевска, Љиљана Блажевска и уште многу други докажани уметници. Изложбата е реализирана во соработка со Тихомир Кондев, колекционер на ликовни дела.

ПРЕДИЗВИК

Македонците кои живеат и творат во овие два града, Белград и Нови Сад преку оваа изложба успешно докажуваат дека со нивните способности умеат да му одговорат на предизвикот на културните центри со друга традиција и да се изборат за свое место во уметничкиот живот во еден друг амбиент. Меѓутоа, тој амбиент за уметниците со македонско потекло и не им е туѓ. Заедничкиот живот во поранешна Југославија како и континуираните врски помеѓу Македонија и Србија придонеле српската култура да им биде блиска и да претставува поле на кое тие ќе можат да ги развијат сите свои творечки потенцијали.

ПОТЕКЛО

Академик Влада Урошевиќ за нив вели дека е многу тешко, речиси невозможно, да се рече што ги обединува овие петнаесет ликовни уметници кои се различни во своите настојувања и во своите остварувања освен едно: тие се сите по потекло од Македонија. Сите овие уметници доаѓајќи во нова средина донеле со себе нешто од културната традиција на родниот крај. Сето тоа добило свои нови одлики во допирот со духот на средината во која тие го вградиле своето дело. Овие уметници несомнено & припаѓаат на српската ликовна уметност затоа што тие се дел од средината во која живеат и творат, меѓутоа од секое нивно дело зрачи македонска културна сфера претставена на петнаесет различни начини и техники. На овој начин македонските уметници кои не живеат во Македонија не вклучуваат во голема сеопфатна поврзаност на уметноста на светот кој претставува еден свет без граници. 

"Отошница" - Киро Станковски

"Танчер" од Данка Петровска

"Светлосен воин" - Божидар Дамјановски

"Полетување" од Славе Ајтоски


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"