КУЛТУРА

Кристина Арнаудова го промовираше своето првенче "Возови"

ПЕСНИ СПЛОТЕНИ ВО НЕЈЗИНАТА ДУША

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Во моментов се уште немам таков план, да го промовирам "Возови" надвор од Македонија, но може да се разгледа и таа опција. Не сум премногу заинтересирана, но очигледно е дека тоа треба да го направам, бидејќи сите тоа го очекуваат од мене, вели Кристина.
  • Оригинална, дистанцирана од трендот со цел да се избегне краткотрајноста на песните, Кристина вели дека сака и по десет години нејзините песни да се пуштаат, а таа да не биде засрамена од својата работа.

Промоцијата на првото ЦД "Возови" на Кристина Арнаудова деновиве беше одржана во познатото кафуле "Мистер Џек". ЦД -то содржи 14 песни, а тие се потпишани од повеќе автори меѓу кои се јавува и самата Кристина.

Иако уште од својата 16 годишна возраст почнува да заработува од музиката како дел од групата "Биг Бенг", сепак таа се одлучува да започне со своја солистичка кариера. Следеа неколку хитови кои со својата оригиналност дадоа белег на македонската музичка сцена, но сепак песната "Прашина" & послужи како отскочна штица во светот на естрадата. По големиот успех на "Прашина" се појави идејата за албум, меѓутоа нејзините обожаватели малку почекаа. Благодарејќи на нејзината амбициозност и упорност се појави нејзиното прво ЦД на задоволство на љубителите на добрата песна.

СИМБОЛИЧЕН ПРЕДМЕТ

Албумот е насловен "Возови" според мојата омилена песна од албумот за која сметам дека е многу оригинално дело какво со години се нема појавено на македонскиот музички пазар, вели Кристина. Албумот содржи 14 песни од кои 7 се сосема нови, 4 се веќе слушнати и три се бонус нумери, а е во издание на "ПЛАНЕТ ПРЕС". Застапени се доста автори, а меѓу нив најмногу ја има Весна Малинова. Свој удел имаат и Роберт Саздов, Младен Марковиќ, и јас имам своја композиција, потоа Роберт Билбилов, Валентино Скендеровски, Ивица Брчиоски, Кокан Димушевски, Димитар Коцев итн.

Возовите се симболичен предмет, поминуваат, носат и заминуваат. Разни приказни се собрани во тие возови, сите ние имаме свои возови кои може да ги најдеме или не. Единствено е неизвесно дали ќе ги препознаеме нашите возови кои би можеле да бидат судбински.

Според Кристина има неколку причини зошто толку доцнеше албумот. Долго време ги одбирала песните кои ќе се најдат на него, продуцентите, композиторите, се работи сама, а тоа не е воопшто едноставно.

Морам да бидам добар организатор, сама на себе да си бидам добар менаџер, да бидам одличен пејач, а за сето тоа време морам да бидам во добра форма, додава Кристина. За тоа треба многу време и многу енергија и сигурна сум дека секој не може сето тоа да го носи на свој грб. А да не ги заборавиме и финансиските потешкотии кои се јавуваа цело време додека работев.

Од први октомври ЦД-то ќе се најде и во официјална продажба во сите музички продавници во Македонија, а пред тоа се најде и во едно списание.

Се одлучив на тој чекор, бидејќи идејата како таква ми се допаѓаше, 10 000 примероци се продадоа за неполни два дена, 10 000 луѓе имаат оригинален диск и веќе ги знаат сите песни од албумот што за секој македонски изведувач би било комплимент со оглед на тоа што во регуларна продажба не се продаваат ни 1000 примероци годишно, објаснува Кристина. На тој материјал работев напорно и не би сакала сама дома да си го слушам.

Во моментов се уште немам таков план, да го промовирам "Возови" надвор од Македонија, но може да се разгледа и таа опција. Не сум премногу заинтересирана, но очигледно е дека тоа треба да го направам бидејќи сите тоа го очекуваат од мене.

КАРИЕРА

Кристина своите почетоци ги имаше во две групи "Сага" со која има снимено само една песна и "Биг Бенг", меѓутоа се одлучи да продолжи сама.

Скоро сите групи на светов се осудени на пропаст со самото тоа што во нив членуваат повеќе луѓе кои имаат свои индивидуални гледања на работите и свои музички идеи и желби, вели таа. Убаво е да си дел од група заради атмосферата и енергијата која постои кога се настапува, кога има живи свирки, но многу е полесно да можеш сам да одлучуваш за тоа што ќе снимаш и што сакаш да пееш, каква музика ќе работиш. Кога си сам не мора да правиш компромиси во својата кариера.

Зад себе има неколку хитови "Прашина", "Ѕвонете чекори херојски", "Судено тие е", "Знаеш кој е тој", но како што вели Кристина за ниедна песна неможеш однапред да знаеш како ќе помине односно колку ќе биде слушана и дали ќе стане хит. За неа терминот "хитче" е измислен од луѓето кои им ги продаваат своте песни на млади пејачи кои обично немаат поим од музика, па паѓаат на такви финти.

За ниедна моја песна не знам како ќе помине, а факт е дека сите стануваат хитови кога ќе се слушаат долго време, објаснува Кристина. Не се преоптоварувам колку таа песна ќе стане хит додека ја снимам и додека песната се создава. Едноставно & ја давам сета моја душа и со самото тоа & давам живот. "Прашина" ја доби наградата за најслушана песна помеѓу два фестивала што е во принцип најголема награда за една песна.

Кога станува збор за гласините околу тоа дека фестивалите се наместени, тоа навистина не ме интересира и не би навлегувала во тие работи. Лично не сум заинтересирана за фестивалите и нивните награди. А, не сте далеку од вистината, се има свое скриено лице и тоа што го гледате на телевизија во најголем број на случаи нема врска со реалноста.

Поради ваквиот нејзин став за фестивалите Кристина не би можела да издвои некој од нив кој е најдобар, а за да настапи на некој фестивал треба тој да ги задоволи нејзините критериуми.

За тоа дали има многу пејачи во забавната естрада сметам дека треба да се појавуваат, меѓутоа медиумите се тие кои треба да прават селекција на тоа што е добро и на тоа што не чини, додава Кристина. За жал медиумите тоа не го прават, а во нив работат луѓе кои немаат основни познавања за музиката и ги пуштаат во етер сите оние со кои можат да одат на кафе, да се дружат и кои им се достапни во секој момент. Тоа се ефтини изведувачи и пејачи на кои најголемо достигнување им е да се појавуваат во емисии и на школо да бидат популарни, а тоа новинарите и водителите воопшто не ги интересира. Топ листите се многу смешни и на нив можат да се најдат на пример Мизар, Влатко Стефановски и некој си тотален анонимус Панде. Во исто време на иста топ листа, Панде ќе биде прв, а Влатко петти. Што повеќе треба да се дискутира!?

Според Кристина во Македонија не можат да се прават долгорочни планови во музиката и секогаш мора да се има некаква алтернативна професија која ќе ја работи одредена личност во иднина.

Едноставно мораш да имаш резервна диплома, а јас тоа и ќе го направам и се надевам дека еден ден ќе бидам успешен маркетинг менаџер, вели Кристина.

Музиката сега за сега е мојата единствена егзистенција, но во Македонија на една рака може да се избројат луѓето кои сериозно заработуваат од тоа. Јас сум во моментов задоволна, но тоа не е ни одблиску што би требало да биде. Се надевам дека ќе биде подобро.

Кристина штотуку ги реализира нејзините последни планови така да е се уште рано да зборува за нешто друго. Во план & е и концертно претставување на албумот низ Македонија ако се појават услови за тоа. А, деновиве единствена преокупација & е снимањето на неколку видео спота кое ќе трае до крајот на годинава.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"