Две запалени куќи во Арачиново
Уште две куќи на протерани македонски семејства од Арачиново беа запалени
во ова скопско село. Протераните арачиновци обвинуваат дека пожарот бил
подметнат од соселани Албанци со јасна порака да не се враќаат во селото. Од
друга страна полицијата не знае кој ги пали куќите на Македонците во
Арачиново.
Кампањата за собирање на оружјето е во тек
"Операцијата за спроведување на Законот за доброволно предавање на
оружјето не е ниту воена, ниту полициска, ниту политичка операција, туку
операционализација или опредметување на националната програма за зголемување
на општата сигурност преку доброволно предавање на оружјето", изјави на прес
конференција Благоја Марковски, офицер за операции во Оперативниот центар во
рамките на Координативното тело за собирање на легалното оружје.
Авион на КФОР принудно слетал на Стенковец
Моторен авион од типот "Цесна Ц -172" на КФОР принудно слетал на
скопскиот спортски аеродром Стенковец. Пилотот Албанец со американско
државјанство и двајца Албанци, македонски државјани минале без посериозни
повреди. Според информациите причина за принудното слетување било губење на
притисокот во моторот на авионот што предизвикало недостиг од масло.
Лоша политичка проценка
Министерството за надворешни работи направи лоша политичка процена со
Одлуката да ги затвори македонските амбасади во Данска и во Иран. Македонија
е мала земја, но не е толку сиромашна за да не може да издржува амбасада во
Земја на ЕУ со која ни треба соработка, е ставот на дипломатите.
Реформи за судските постапки
Во организација на Министерството за правда, Советот на Европа УСАИД и
Сорос во Скопје, се одржа тридневната конференција на тема "Реформа на
судските постапки од аспект на Европските стандарди". Конференцијата беше
организирана во три сесии со учество на експерти, заменици-министри, судии,
обвинители и адвокати од Македонија, Србија, Бугарија и Албанија, на
тематски излагања од областа на кривичната, граѓанската и извршната постапка.
Хелсиншкиот комитет бара измени за Договорот за МКС
Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува пратениците во
Собранието да не го изгласаат Предлог-законот за ратификација на договорот
меѓу владите на Македонија и на САД за изземање на американските државјани
од јурисдикција на меѓународниот кривичен суд.
Никакво обележје за гемиџијата Бошњаков
Во Охрид не постои никакво посебно обележје каде што е погребана главата
на охридскиот гемиџија Марко Бошњаков. Неговата единствена желба била да
биде погребан во Македонија за која се борел, завет којшто го оставил на
своите другари. Бошњаков починал од малариска треска на седми февруари 1908
година во затворот Музрук во далечната Африка.
Билатерална помош за Македонија
Кралството Холандија идната година ќе & додели на Македонија нови 23
милиони евра како билатерална помош, од кои 17 милиони евра ќе бидат
наменети за платно - билансна поддршка, а шест милиони евра за финансирање
на специфични програми за добро управување и развој на приватниот сектор.
Пораст на вработени со Бранковиот закон
Законот за поттикнување на невработеноста кој се применува од крајот на
април годинава, досега вработиле вкупно 4.390 лица. Според најновите
податоци на Заводот за вработување, најголем дел од нив се вработиле во
преработувачката индустрија и во трговијата, а најмалку се ангажирани во
фирми кои се занимаваат со финансиско посредување.
Пастрмката изумира
Охридската пастрмка, стар вид риба која живее во најстарото езеро во
Европа се соочува со исчезнување поради загадувањето и прекумерниот риболов.
Предупредувањето доаѓа од балканските научници кои истакнуваат дека и
предложената петгодишна забрана за комерцијален риболов нема да биде доволна
за да се спаси видот.
Акцелераторот ќе проработи
Апаратот за зрачење на болните од рак ќе почне да работи на први декември.
Спорните делови од акцелераторската линија кои чинеа 250.000 евра веќе се
донесени во земјава.
ММФ задоволна од аранжманот
Меѓународниот монетарен фонд е задоволен од досегашното извршување на
Стен-бај аранжманот, а особено од конзистентноста на макроекономската
политика што се води во земјава. Сепак, невработеноста и натаму останува
најголем проблем, а за таа да се намали е неопходно да се привлечат повеќе
странски инвестиции, кои моментално се многу ниски. Ова генерално било
констатирано на средбата меѓу министерот за финансии Петар Гошев и
гувернерот на НБМ, Љубе Трпески, со еден од највисоките функционери во
Фондот, заменик директорот Шигемицу Сугисаки, одржана во Дубаи каде што се
одржа годинешното собрание на ММФ и Светската банка.
Македонија мека за туристите - авантуристи
Македонија како туристичка дестинација за странските туристи, поседува
потенцијал за задоволување на авантуристичкиот дух на лицата кои ќе се решат
својот одмор да го поминат откривајќи ги убавините на нашата земја. Ова го
покажува истражувањето на пазарот спроведено од страна на Кластерот за
македонски туризам кој покажува големо интересирање кај повеќе од десет
европски и американски тур-оператори што нудат авантуристички туризам за
Република Македонија.
НИП-от пред нов штрајк
Редакциите и вработените на НИП "Нова Македонија" треба да се изјаснат
дали пред второто извештајно рочиште на суд ќе стапат во нов генерален
штрајк. Според синдикалните лидери причина за штрајкот е натамошното
финансиско исцрпување на куќата и селективното решавање на судбината на сите
делови од НИП-от од страна на стечајната управничка.
Статутот на Евробалканс се парафира
Градоначалникот на Скопје, Ристо Пенов заедно со градоначалниците на
Софија, Стефан Софијански и на Ниш, Горан Кириќ во Софија го парафираа
Статутот на еврорегионот Евробалканс. Со тоа ќе се официјализира
двегодишниот ангажман на управите од тие три града во развивањето на
прекуграничната соработка, во сферата на стопанството, заштитата на
животната средина, образованието, науката, културата и во други области.
Заврши конференцијата на ПЕН-центрите
Шенгенската зона барем во оваа фаза за оние што се надвор од неа и
особено за земјите од таканаречениот Западен Балкан претставува симбол на
затвореност и дискриминација, пишува меѓу другото во Резолуцијата што ја
донесоа учесниците на меѓународната ПЕН-конференција на тема: "Берлински ѕид
- шенгенска зона", која се одржа изминатиот викенд во Охрид.
"Готекс" ќе се продава
Собранието на доверителите на гостиварската текстилна фабрика "Готекс" ја
прифати единствената понуда за продажба на фирмата. За првиот пакет
скопската фирма "Ексим комерц" понуди 61.000 евра. Во пакетот се управната
зграда, опремата и производствено-технолошката целина на фабриката.
Нашите дипломати не ги поддржуваат уметниците
Македонските уметници што изложуваат или настапуваат во странство велат
дека не добиваат поддршка од нашите амбасади при презентирањето на проектите.
Уметниците велат дека амбасадорите се појавуваат само ако изложбата ја
отвора нашиот министер за култура, некоја важна личност или кога ја
организира некоја голема институција.
На новата позитивна листа има 404 лекови
На новата позитивна листа што треба да почне да се применува во
практиката, се наоѓаат 404 генерички лекови. Од нив 234 ја сочинуваат
болничката листа препарати што се на товар на Фондот за здравство, додека во
амбулантите и поликлиниките ќе се ординира со 170 медикаменти.
Со официјализирање на листата се создаваат услови за реализирање на
националниот тендер за лекови, тежок околу 50 милиони евра.
Хигиеничарки од "Телеком" префрлени во нова фирма!?
Бордот на директори на Македонски телекомуникации наскоро треба да се
изјасни дали ќе ја прифати програмата за префрлањето на околу стотина
хигиеничарки од Македонски телекомуникации во конзорциум што го формираат
скопските фирми "Серта", "Стед комерц" и "Техночист". Договор меѓу
синдикалците и работодавецот е постигнат со што се предвидува и вработување
на околу 24 хигиеничарки кои досега беа ангажирани со договор на дело.
ЕСМ ќе се дели на три дела
Најмалку за еден месец во ЕСМ ќе почне новиот статусен модел кој
предвидува трансформација на претпријатието во три дела како посебни
економски целини: производство, пренос и дистрибуција. Тие ќе работат
самостојно како надворешни фирми.
"Табернакул" обвинува за непотизам
Издавачката куќа "Табернакул" поднесе приговор до Министерството за
образование за деловни и роднински врски меѓу авторите на новите учебници по
историја за трета година гимназија, кои нејзината Комисијата ги избрала.
Договори за закуп на земја
Во Општината Свети Николе беа потпишани првите 70 договори со што
официјално стартуваше пилот проектот за доделување земјоделско земјиште на
невработените и соцјалните случаи. Наскоро договори за користење на
аграрните пакети ќе потпишат уште 347 жители од Светиниколско.
Поскапувањето на становите ќе се избегне
Комерцијалните станови што ги гради државата и покрај сите стравувања
најверојатно нема да поскапат од 13 отсто со рапидниот скок на ДДВ во
градежништвото. Според Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и
деловен простор овие станови ќе бидат завршени до 31 декември годинава.
Проблем на дијабетичарите
Дијабетичарите останаа без игли за ставање инсулин. Половина од овие
пациенти повеќе од еден месец немаат соодветни игли за инсулинските пенкала
што како донација ги добиле од Клиниката за ендокринологија во Скопје.
Целиот проблем според објаснувањето на директорот на Здравствениот дом
Скопје д-р Тихомир Матевски од каде што дијабетичарите ги добиваат
неопходните помагала е што "дарежливиот" донатор обезбедил инсулински
пенкала, но заборавил игли.
|