Најнапред треба да се
одговори на прашањето зошто дојде до отпуштања? Дефинитивно “Македонските
железници” со овој обем на работа, со толкав број на вработени не може да го
издржи темпото на исплаќање на плати и материјални трошоци и тоа е една од
главните причини што се отпуштаат вработените. Во “Македонски железници” се
направи една трансформација која за модел го избраа теркот нарачан од
Светската банка. Моделот Владата го верифицира и според него МЖ ќе
функционира како холдинг компанија со две претпријатија. Едното претпријатие
ќе биде инфраструктура, а другото транспортниот дел. Владата со ова покажа
дека има јасна визија и стратегија како ќе функционира железницата. Во овој
момент околу најавите за отпуштање на 900 вработени можам да кажам дека тоа
е направено од страна на менаџерскиот тим на МЖ, согласно со законските
прописи. Би коментирал дека за овие отпуштања Синдикатот реагираше мошне
жолчно со оглед дека ние добро ги знаевме состојбите во претпријатието.
Реагиравме во сегментот дека раководната структура на МЖ треба да направи
нова систематизација преку која ќе има јасна визија како понатаму да се
однесуваат МЖ. Со тоа ќе се види што е следното неопходно за нејзиното
понатамошно работење. Само да потсетам, во овој дел овие 900 вработени со
отпуштањето нема да имаат никаков статус од прости причини што тоа не е
предвидено со законот. Затоа реакцијата на вработените е таква. Синдикатот
реагираше на социјалниот пакет кој единствено им следува на оние кои ќе
бидат отпуштени. Тој според законот содржи само осум плати отпремнина и
ништо повеќе. Отпуштањата се направени врз основа на две варијанти. Како
прво според бодирање и тоа го опфаќа најмладиот кадар. Додека ако се оди на
варијантата со отпуштања на кадар со над 35 години стаж, исто така и на тие
вработени нема да им биде решен статусот. Тие отпуштени ќе бидат само 14
месеци под Завод за вработување, а по тоа ќе се најдат практично на улица.
Според постоечките закони вработениот треба да има 64 години старост за да
стекне право на пензија. Сакам да потенцирам дека и двете варијанти не се
популарни и како и да е статусот на отпуштените е нерешен, односно тие ќе се
најдат на улица.
ТРАНСФОРМАЦИЈА
МС: Овие отпуштања се во рамките на трансформацијата на “Македонски
железници”?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Овие проблеми потекнуваат од претходната владина
структура бидејќи Светската банка налагаше да се отпуштат 3.000 вработени.
Сепак, тогашното ресорно министерство направи анализа на вработените и
нивните констатации говореа дека треба да се отпуштат 2.700 вработени. Во
овој сегмент синдикатите жолчно реагираа при што укажавме дека со толку
отпуштања драстично ќе се наруши техничкиот процес на работа и неможе да се
обезбеди минимум безбедност на железничкиот сообраќај. Но, сепак со
доаѓањето на новата владина структура, синдикатите настојуваа да ја променат
бројката на вработени кои треба да бидат отпуштени. Иако за некого тоа не е
видливо ние сепак преку штрајкови успеавме бројката од 2.700 да ја намалиме.
Ние баравме да се направат добри студии и анализи, за да се утврди
потребниот број на вработени, со кој МЖ би можеле нормално да функционираат.
Инаку, моментно во ЈП "Македонски железници" се вработени 3.704 вработени.
Во овој момент прогласени се 880 вработени како вишок, додека до крај на
годинава по природен одлив во пензија треба да одат 42 вработени. Веќе и
претходно напоменав за поделбата на МЖ на две претпријатија, инфраструктура
и во транспортниот дел каде ќе се одделат несуштинските дејности, односно
сите сервиси кои ќе подлежат на приватизација. Исто така тие треба да се
снаоѓаат како знаат и умеат, а нивниот број е 527 вработени. Од вкупната
бројка од 3.704 вработени во МЖ треба да се сведе на 1.425.
МС: Која е улогата на синдикатот за ублажување на актуелната состојба?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Синдикатот во повеќе наврати укажуваше и имаше своја
стратегија и визија за опстанок на претпријатието. Во нашето досегашно
укажување за да не дојде до вака несакани последици, ние со факти и
аргументи укажувавме како да не се дојде до оваа несакана состојба. До
несеканиве околности дојдовме по изградбата на нафтоводот, бидејќи претходно
со превозот на суровата нафта преку железничкиот сообраќај во голем дел
опстојуваше МЖ. Со изградбата на нафтоводот обемот на работа ни се намали за
повеќе од 44 отсто. Со превозот на суровата нафта МЖ ги покриваше трошоците
за плата на вработените. Откако се прекина со превозот на суровата нафта ние
алармиравме до власта за несаканата положба во која се најдовме. Владата за
жал не ги прифати нашите сугестии за да се воведе еден третман како што е за
патниот сообраќај, така да се примени и за железничкиот сообраќај. Ние сме
јавно претпријатие и Владата е наш основач и отука не баравме монополистичка
положба, туку баравме сообраќајна политика. Ненавременото решевање на нашиот
проблем доведе до неопходноста од трансформација на претпријатието, бидејќи
во вакви околности ние не можеме да опстоиме. Ние како синдикат укажувавме и
на тоа како раководната структура треба да има јасна визија и стратегија
како да функционираме во иднина. За да се докаже таа визија требаше да се
направи нова систематизација на МЖ со која сите односи ќе беа дефинирани и
со тоа претпријатието непречено ќе функционираше.
ИЗЛЕЗ
МС: Што ќе се случи со “Македонските железници” по трансформацијата?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Јас можам да зборувам за транспортниот дел на
претпријатието, бидејќи Владата ќе ја покрива инфраструктурата, а додека
транспортниот дел ќе биде препуштен сам на себе да стопанисува. Од вкупната
реализација колку може таа добро да стопанисува ќе зависи иднината. Колку ќе
биде тој менаџмент успешен, толку успешно ќе се опстојува. Сметам дека ќе
дојде до еден процес на рационализација, а таа рационализација е намалување
на трошковите и укинување на некои работни места.
МС: Претходниот директор Владимир Соколовски беше обвинет за многу
злоупотреби во “Македонски железници”. Дали тој сноси дел од вината за
денешното лошо стопанисување на железницата?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Ние како синдикат имавме сомневања за службена
злоупотреба на господинот Соколовски. Сегашнава раководна структура по
нашите укажувања направи една анализа на работењето на Соколовски при што
беа добиени докази дека тој извршил тешка службена злоупотреба. Ние нашите
сознанија ги испративме до надлежните служби од кои очекуваме одговор. Ние
веруваме во институциите на системот и сметаме дека во оваа наша држава
функционира правото.
МС: Сепак, колку трансформацијата е неопходна за опстанокот на МЖ? Имаше
ли друго решение, друг излез за опстанок на фирмата без отпуштања?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Јас сметам дека “Македонски железници” имаа огромни
шанси за успешно стопанисување. Ова го велам дека во начело претходната
владина структура имаше законска обврска како наш основач да ја финансира
инфраструктурата, но досега тоа не се случуваше, а особено изградбата на
нафтоводот не доведе до оваа состојба. Со изградбата на нафтоводот Владата
требаше да направи некој вид на компензација преку обезбедување на обем на
работа, затоа што ние до сега од нашиот основач не баравме да ни исплаќа
плати, туку да го почитува Законот за железници. Ако течеа обврските како
што треба, навремено исполнување на обврските спрема МЖ немаше денес да
дојдевме до овој хаос. Сепак би потсетил дека со ова ново општествено
уредување железници имаше на почетокот околу 10.000 вработени и со природен
одлив стигнавме до денешната бројка до 3.704. За овие десетина години во МЖ
нема нови вработувања.
МС: Крајниот рок на врачување на отказите е крајот на оваа година. Дали
дотогаш може да се најде алтернатива за овие 900 вработени кои ќе се најдат
на улица?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Би коментирал дека ние како синдикат настојувавме да
изнајдеме некое безболно решение, но според постоечките закони тоа е
невозможно. За нас би било безболно ако на вработените кои ќе бидат
оптуштени им се реши било каков статус. Овој процес на трансформација и
оптуштања е неизбежен и не може да се сопре. Кога би се донел некој посебен
закон за јавните претпријатија, или да се донесе некој нов закон за
предвремено пензионирање би постоело решение за безболна разврска на
проблемот. Друга варијанта нема.
ШТРАЈК
МС: Досега Синдикатот реализираше штрајкови во повеќе наврати, но без
резултати. Според Вас што се постигна со штрајкувањето и со прекинот на
железничкиот сообраќај?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Целта на досегашните штрајкови беше остварување на
барањата до основачот за да ни се реши нашиот статус, динамиката и
редовноста на исплаќањето на платите. Ние ги согледавме опасностите од
правецот во кој се движевме. Ние затоа го кренавме нашиот глас. Некој треба
сериозно да се подзамисли што ќе се случи со семејствата на оние кои ќе се
најдат на улица. Околу ефектите, односно постигањата со штрајковите сметам
дека ние сепак постигнавме да ставиме едни рамки кои навистина беа упатени
до основачот за да тој преземе соодветни чекори за да не се соочиме со
негативни последици. Ние како синдикат баравме да учествуваме во решавањето
на проблемите и нудевме излезни решенија, бидејќи доволно добро ги
познававме проблемите.
МС: Во рамките на Јавното претпријатие “Македонски железници”
егзистираат шест синдикати. Зошто таква поделба и има ли потреба од толку
синдикати?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Автономниот синдикат на машински персонал на Македонија
е прв самостоен синдикат во Македонија и втор во рамките на поранешна
Југославија. Ние тогаш не бевме задоволни од тогашниот “државен” синдикат
кој не работеше во интерес на нашите потреби. Што се однесува до сегашното
постоење на шест синдикати во рамките на МЖ сметам дека ако синдикатите
имаат иста цел тогаш треба да постои само еден синдикат, но ако имаат
различни цели, тогаш треба да ги има повеќе. Би потенцирал нешто што мислам
дека треба да го сфатат сите граѓани на Република Македонија, а тоа е
постоење на една компактност и хомогеност за остварување на правата на
работниците, за што треба да постои колективна свест и солидарност. Доколку
постои разединување на синдикатите дотолку повеќе резултатите ќе бидат
помали. Сметам дека обичниот работник не треба да биде оставен самиот на
себеси како средство за манипулација, туку треба да ги брани своите права и
егзистенцијата. За жал политиката денес е инволвирана во секоја пора од
општеството, па дури и меѓу работниците и во синдикатите има поделба на
“наши” и “ваши”. Секој еден е член или пак симпатизер на некоја политичка
партија, место секој еден да си го гледа својот опстанок. Поради тоа нема
успех и во синдикалното движење во Македонија. Иако ова е задоцнета работа,
за мене главен виновник за сите овие проблеми е државниот синдикат. При
секое донесување на еден законски акт кој ги тангира правата на работниците,
државниот синдикат е тој кој треба да реагира и да ги соочи проблемите кои
ќе се рефлектираат врз работниците. Не треба да заборавиме дека токму тој
синдикат е рамноправен партнер на Владата и досега само ги обезвреднува
правата на работниците. Јас главниот проблем околу неисполнување на правата
на работниците би ги фокусирал токму во неефикасноста на функционирањето на
државниот синдикат, а не во Владата. Државниот синдикат е тој кој треба да
се избори за правата на работниците.
МС: Дали од Ваша гледна точка има добра перспектива за “Македонски
железници”?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Мојот коментар би бил апстрактен во смисла “што би било
кога би било”. Ние добро ја знаеме нашата проблематика и знаеме дека ваквите
трансформации извршени во некои европски земји не дале позитивни резултати.
Затоа не гледаме некој оптимизам. Вакви трансформации не се покажале како
успешни во некои европски земји и не гледам причина зошто би биле успешни
кај нас. Сметам дека ние треба да ги прифатиме позитивните примери применети
во некои европски земји, а да ги отфрлиме негативните. Никој не може да
гарантира дека железници може да функционираат добро. Оттука и синдикатот
треба да предложи своја програма за излез од настанатата криза.
МС: Ќе има ли повторно штрајкови со оглед на најавите за отпуштања?
ЃЕОРЃИЕВСКИ: Незнам колкави би биле ефектите од евентуалното
пристапување кон штрајк. Мислам дека треба да се исцрпат сите преговори и
дијалози за да се надминат овие проблемите со отпуштањата. Истите треба да
се анализираат и најпосле треба да се пристапи кон еден непопуларен метод
наречен штрајк.