ПОЛИТИКА

Трета македонска светска конференција за човекови права во Прилеп

ИНТЕРНАЦИОНАЛИЗИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Учесниците на Третата македонска светска конференција за човекови права усвоија Декларација во која бараат од македонската Влада и меѓународните организации да донесат решенија за правата на Македонците кои ќе бидат во согласност со Меѓународната конвенција за човекови права.
  • Македонците од Македонија, соседството и пошироко & се лутат на македонската Влада и на претставниците на меѓународните организации во државава поради нивниот игнораторски однос кон оваа конференција.

Во градот Прилеп, во хотелот “Сонце” се одржа Третата македонска светска конференција за човекови права. Целта на овогодишната конференција беше интернационализирање на прашањето за остварување на човековите права на Македонците на Балканот, како и изнаоѓање на интегрално решение на македонско прашање во рамките на меѓународните организации.

На конференцијата, на која учествуваа претставници на повеќе македонски здруженија од Македонија, соседните земји и од дијаспората, беше усвоена Декларација во која тие побараа од владите на соседните држави да расправаат за правата на Македонците и да донесат решенија кои ќе бидат во согласност со Меѓународната конвенција за човекови права. Дискутантите се договорија спомената Декларација да биде доставена до македонската Влада, ОБСЕ, генералниот секретар на ООН, Кофи Анан, до Хелсиншкиот комитет и до Судот за човекови права во Стразбур.

Домаќин на конференцијата беше Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, а покровители Македонското движење за човекови права во Канада, Организацијата Обединети Македонци за Канада и Македонскиот национален фонд. Учесниците на конференцијата изразија голема благодарност до господинот Ѓорѓија Џорџ - Атанасоски, претседател на Македонска алијанса и познат македонски бизнисмен, кој живее и работи во Соединетите Американски Држави, бидејќи им овозможи средбата да се одржи во хотелот "Сонце" во Прилеп.

Господинот Атанасоски со телеграма ги поздрави Македонците од соседството, дијаспората и од Македонија, кои учествуваа на конференцијата и им посака успех во нивната борба за остварување на човековите права.

ДИСКУСИЈА

Македонци од Албанија, Грција, Бугарија, Србија и Црна Гора, Канада, Австралија, итн., проговорија за проблемите со кои како малцинство се соочуваат во земјите во кои живеат. Господинот Кимет Фетаху, еден од претставниците на Македонците од Албанија, потенцира дека само мал дел од Македонците во таа држава имаат право да учат на македонски јазик и дека нивната борба ќе биде насочена кон подобрување на положбата на Македонците во Албанија. Тој вели дека мора да се соработува и со другите малцинства кои живеат во Република Албанија, бидејќи сите тие се борат за своите права.

Иван Сингартијски од Пиринскиот дел на Република Македонија, изјави дека Македонците во Република Бугарија водат тивка војна за своето спознавање и се борат против бугарската пропаганда.

Претседателот на Македонската заедницата во Србија и Црна Гора, Гојко Илиевски, им забележа на претставниците на сите досегашни македонски Влади зошто немале поддршка во нивните настојувања да ги остварат своите права.

Ако постои единство ќе биде успешна борбата за остварување на правата на Македонците

Претставниците на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, зборуваа за проблемите што ги имаат со грчките власти и потенцираа дека се заблежува чекор напред во нивната борбата за остварување на националните права. Ицо Најдовски зборуваше за Македонците од Австралија, а Душко Алексоски за карпестата уметност во Македонија.

Македонците од Македонија, соседството и пошироко и се лутат на македонската Влада и на претставниците на меѓународните организации во државава поради нивниот игнораторски однос кон оваа конференција.

Иако, како што потенцира и координаторот на конференцијата, Драги Стојкоски, уредно и навремено биле поканети, никој не покажал интересирање да ги слушне проблемите на Македонците.

Стојкоски најави дека до крајот на годината претставниците на Македонците од дијаспората ќе побараат прием и во Советот на Европа за да ги запознаат со своите проблеми.

СРЕДБИ

Учесниците на конференцијата потенцираа дека борбата за остварување на правата на Македонците трае со години, но за да таа биде успешна потребно е единство. На 26 август 1984 година, “Централниот организационен одбор за македонски човекови права” со седиште во Солун испратил “Проглас за македонските човекови права”, во кој, меѓу другото се барало: Признавање на човековите и етничките права и слобода на Македонците во рамките на сегашните граници на Грција, да се даде правото на образование на македонскиот народ на својот јазик и правото слободно да си организираат образовни установи, училишта, верски служби, образовни прослави и да се изразуваат на радио и телевизиски емисии, вести и печатење книги и весници на македонски јазик, Грчкото собрание да изгласа закони кои ќе го обезбедат слободното враќање на Македонците од странство во својата родна земја за да можат слободно и активно да учествуваат во економијата, културата и социјалниот живот на земјата и да можат да ги дадат своите лични способности за напредокот на Грција. Како одговор на Прогласот, македонското иселеништво во Канада, САД и Австралија основаа Македонски одбори за човекови права со цел да ги помогнат обесправените Македонци во Егејскиот дел на Македонија (во границите на Грција), како и Македонците во Пиринскиот дел од Македонија (во границите на Бугарија), во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора во Албанија и во областа Гора во Србија, за да се изборат за човекови и етнички права. Првата цел на Македонското движење за човекови права во Канада беше да научи повеќе за меѓународните инструменти кои ги обезбедуваат човековите и етнички права, како и начините кои можат да се користат за здобивање на истите. За таа цел, во 1989 година Движењето испрати делегација во Собранието на Европа за да се истражи процесот за здобивање на тие права во рамките на Европа. Следната година, меѓународна делегација составена од македонски дејци за човекови права од Канада, Австралија и Грција го посетија Центарот за човекови права на Обединетите нации во Женева, како и Собранието на Европа и Советот на Европа во Стразбур, Франција. Слични македонски невладини делегации имаат учествувано во сите следни состаноци на КЕБС (потоа ОБСЕ), конференции за човекови права на ООН, како и состаноци со дипломатски претставници на многубројни западни држави.

За жал, состојбата со човековите права на Македонците во Албанија, Бугарија и Грција не се промени на подобро. Бугарија и Грција постојано одбиваат да ги признаат Македонците како етничко малцинство со свој јазик, култура и вера, додека Албанија дозволува такво признавање на само помалку од 3 отсто од Македонците кои живеат во државата. Со цел да се усогласат дејностите на сите македонски Здруженија за човекови права и нивните дејци, Македонското движење за човекови права во Канада и Организацијата Обединети Македонци во Канада, како бранители на човековите права на етничките Македонци кои живеат во пошироко на Балканскиот полуостров и низ целиот свет, ја започна Првата македонска светска конференција за човекови права која се одржа на 25-26 август 2001 година во Скопје, Република Македонија. Втората конференција се одржа на 31 август во Коларово, Пирински дел од Македонија (Република Бугарија). Целта на првите две конференции беше да се соберат заедно македонските Здруженија за човекови права и нивните дејци од Балканот за меѓусебно да научат за состојбите со човековите права и да зацртаат заедничка патека кон обезбедување и спроведување на сите меѓународни стандарди за човекови права во нивните држави.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"