акедонците во Србија и
Црна Гора ја продолжуваат онаа лоша традиција секогаш да се разединуваат,
иако Законот им овозможува да уживаат големи национални и малцински права.
Зошто тоа го прават?
Тоа го дознавме дури сега. Вината е во лошата политика на Република
Македонија, во власта која доволно не се грижи за своите сонародници.
МС: Господине Илиевски, како прв човек на Македонската заедница во Србија
и Црна Гора, колку Македонците се во можност да ги бараат и да ги
остваруваат своите национални малцински права?
ИЛИЕВСКИ: Ние имаме големи потешкотии да опстанеме како Македонци во
Србија и Црна Гора затоа што семето што треба да го негува македонскиот
јазик и култура, односно македонштината тешко никнува во оваа земја. Првото
македонско Здружение е формирано во далечната 1996 година во градот
Пожаревац, а јас бев прв претседател на тоа Здружение. Меѓутоа, многу
подоцна, дури во 2002 година го формиравме второто Здружение во Јабланичкиот
округ. Потоа беше формирано третото Здружение на Македонците од Нишавскиот
округ. Четврото е лоцирано во Јужнобанатскиот округ и на крајот сите се
договоривме да ја формираме Македонската заедница.
МС: Потенциравте дека овој пат бил многу тежок и макотрпен, бидејќи
можеби не постоеле законски или други услови за основање на нашите
Здруженија. Како гледате на сегашната организираност, односно колку
Македонците се заинтересирани да ги разменуваат своите културни искуства,
традиции, бидејќи станува збор за лица што живеаат во различни краишта?
ИЛИЕВСКИ: Македонци има многу. Тие се лоцирани во многу делови од
поранешна Југославија. Така на пример, Здружението од Јужнобанатскиот округ
и Здружението од Јабланечкиот округ, ги дели простор од 500- тини километри.
Сега настојуваме да формираме слично Здружение во градот Зрењанин, во Бор и
во Пчинскиот округ. Меѓутоа, ние немаме комуникација. Немаме елементарни
услови за работење и комуникација која што денес се одвива преку интернет
врски. И затоа веројатно сме единствена малцинска заедница на која матицата
- македонската држава воопшто не мисли. Морам да потенцирам дека немаме ниту
еден факс кој е елемементарна потреба за некоја врска меѓу Здруженијата и
нашата земја. А, сето она што го работиме и го подготвуваме го правиме преку
нашите приватни телефони. Но, за нас најголем проблем е тоа што многу слабо
го чувствуваме влијанието на нашата татковина, на нашиот политички врв, на
нашата власт.
Пред извесно време, во јуни месец, се сретнав со министерката за
надворешни работи, Илинка Митрева. Тоа беше по нејзино барање во
македонската амбасада во Белград. Од неа побарав мислење што бара
македонската власт од нас Македонците што живееме во оваа земја. Дали да
опстанеме како поединци, или официјалната власт од нас бара да другаруваме
како форма за национално опстојување. Таа страшно ги потенцира и ги
поддржува активностите на Македонското - југословенско друштво за
пријатлество "Шар Планина".
Практично тоа значи дека јас, како Македонец, кој е женет со Србинка,
официјалната власт посакува да другарувам со мојата сопруга, со мојот кум
кој е Србин, со пријателите итн.
Но, каде е и каква е позицијата на македонскиот јазик, култура писмо. Ние
македонштината премногу малку ја познаваме и за неа ни треба огромен напор,
а пред се голема љубов. Меѓутоа, за тоа ни треба отворена и голема помош од
Република Македонија и пред се од македонската амбасада.
Таа за цело ова изминато време ја немаме, едноставно не ја чувствуваме.
ЦЕНЕТИ МАКЕДОНЦИ
МС: Како гледате на она што се случува во Македонија и во Србија и Црна
Гора? Колку тоа влијае на размислувањата и желбата кон татковината, за
негувањето на македонскиот јазик, култура?
ИЛИЕВСКИ: За жал морам да констатирам дека македонскиот јазик одамна
умира во Србија и Црна Гора. Тоа можеби го велам фигуративно, но е точно.
Меѓутоа, со раѓањето на овие наши Здруженија преку кои покриваме близу 30
града, ќе имаме можност повторно да го научиме македонскиот јазик. Вистински
пример за тоа сум јас. Од татковината заминав на 14 годишна возраст, но
нешто остана од него и при комуникацијата го подобрувам речникот. Добро е
што вакви примери во Србија и Црна Гора има многу, но мораме да се
организираме. Законски услови за тоа имаме и сметам дека се одлични, бидејќи
можеме преку разни форми да ја искажеме нашата македонска националност.
За тоа ние мораме да формираме совет на македонското национално
малцинство. Но, за жал немаме шанса да го формираме овој совет, кој треба да
брои 21 член, а претходно би се одржало собранието во кое би членувале 45
Македонци. Тоа се е регулирано со Законот за националните малцинства. Тоа ни
дава за право, Македонците, односно македонската заедница ќе мора да биде
запрашана за многу работи, кога станува збор за изучување на македонската
култура, јазикот, за образованието итн. Во тој случај би имале своја
канцеларија, простор, свој знак, амблем, знаме и итн. Едноставно ќе имаме
своја идентификација. Скоро сите малцински заедници во Србија и Црна Гора,
дури оние минорните, кои се со три до четри илјади припадници, и се далеку
помалубројни од Македонците, имаат формирано свој совет, а Македонската
заедница е единствена која засега не ги ужива тие практични права.
МС: Која е причината, ако Законот дозволува да се формира такво тело за
заштита на малцинските права на Македонците во Србија и Црна гора?
ИЛИЕВСКИ: Причината не е во Србија, вината е во нас - Македонците.
Јас тоа отворено им го кажав на моите приврзаници кога ја формиравме
Македонската заедница. И чинам дека тоа е пренесено до македонската
политичка власт, бидејќи во Србија тоа не беше пренесувано.
Ние Македонците што живееме таму сме виновни што досега не сме се
организирале. Но, мораме да потенцираме дека грешката лежи и во нашата
татковина, Република Македонија, која не ни го покажала вистинскиот пат за
остварување на правата на малцинствата. Ова го потенцирам, бидејќи односите
меѓу црквите, односите меѓу политичките власти на релација Скопје - Белград,
за нас не се добри. Пред се нам ни треба Македонија да ја чувствуваме како
матица. Ние треба амбасадорот, македонски, да го чувствуваме и тој треба да
е на терен и во постојана комуникација со Македонците. Всушност амбасадорот
треба нам да ни биде грб, на Македонската заедница, и да ни помага во
активностите. Еве, на пример, новиот амбасадор, Виктор Димовски, во овие три
месеци не најде време, да се сретне со мене, иако веднаш по неговото доаѓање
му се јавив и побарав да има средба со четирите претседатели на Здруженијата.
За жал не се сретнавне, но тој сигурно се сретнал со претседателот на
Друштвото за македонско - југословенско пријателство. Значи тоа е
најголемата болка. Матицата треба да ни даде морелна подршка. Еве да речам,
ние сме тука, но немаме друшта онаму каде е Друштвото за македонското -
југословенско пријателство. Значи немаме во Белград здружение каде има
најмногу лоцирано Македонци. Исто така е во Нови Сад, во Крагуевац. Ако тие
мислат дека тие треба да дружат со Србите, и тоа да биде на другарска база,
а не ова што ние го правиме, нека речат. Но, морам да потенцирам дека нашите
цели се за негување на македонскиот јазик, култура, на македонштината во
најширока смисла на зборот.
Секој што доаѓа за амбасадор во СИЦ смета дека треба да биде прв човек
лобиста на Македонија. Тоа навистина е смешно. Лобисти можеме да бидеме ние
самите. Ние имаме еден член кој е потпреседател на Собранието, кој е
технички директор во "Вршачки виногради". Човек кој комплетно ги контролира
сите проблеми во областа на винологијата. Во Крушевац имаме технички
директор кој е врвен стрчњак во својата област итн. Нам токму такви луѓе ни
требаат кои се почитувани стручњаци и ценети граѓани во Србија и Црна Гора.
Што сакам да кажам? Амбасадорот не треба да биде лобист, туку координатор
папочна врска со татковината.
МС: Споменавте дека во Србија и Црна Гора постојат два вида на Здруженија
на Македонците во таа земја. Дали ова разединување доаѓа како последица на
конфликт на интереси, или лични суети?
ИЛИЕВСКИ: Пред да ја формираме Македонската заедница, на мое лично
барање, во Јабука, минатата година, се состанавме со Друштвото за македонско
-југословенско пријателство за да разговараме на оваа тема, разединетоста.
Всушност, тоа беше средба на македонските интелектуалци. На неа беше и
господинот Чаловски, а беше и Зафир Хаџиманов, Лидија Демниева и други. Ние
на оваа тема со Зафир разговараме и пред месец дена, бидејќи сакав да ги
расчистиме односите. Притоа, морам да кажам дека него многу го почитувам,
бидејќи сепак е голем Македонец. Но, знам зошто тој тоа го прави. Патот што
го одбра е лош за Македонија и Македонците во оваа земја. Јас тоа отворено
тоа му го кажав. Не може Друштото за македонско - југословенско пријателство
да биде медијатор на сите Македонци. Тоа буквално е смешно. Тоа што тој е
претседател е случајност. Пред него беше Зариќ. Еве што сакам да објаснам.
Во Панчево, претседател на таа подружница е Црногорец, а секретар е Бугарин.
Ние сега во тој град формиравме Македонска заедница и таму сите се
Македонци. Значи имаме спротивности во гледиштата и патиштата. Пред
Македонците тој сака да биде добар Македонец, а пред Србите добар пријател.
Ете околу тие работи не се сложуваме.
ИСТОРИСКИ НЕБУЛОЗИ
МС: Сепак дали постои шанса во одредени работи да се сложите и да
преземете една акција за подобро изучување на македонскиот јазик, култура,
или музиката кај младите генерации, Македонци?
ИЛИЕВСКИ: Ние во Вранишевскиот округ секоја година одржуваме вечер на
македонска песна каде доаѓаат пејачи од Република Македонија на кои доаѓаа и
лица од другите националности. Таму се чувствува македонштината. Ние
буквално живееме само за тој ден. Но, сепак онаму каде имаме свои Здруженија
велиме дека при средбите ќе зборуваме само на македонски јазик. Тоа е едно.
Второ, секретарот на Македонската заедница многу добро го знае македонскиот
јазик и таа мене ме подучува на нашиот јазик. Или јас го подучувам
потпреседателот на собранието кој е таму роден. Значи се трудиме
македонството да се врати кај помладата генерација. На последниот состанок
донесовме програма според која ќе работиме во иднина. Предложивме да се
претплатиме на некои македонски весници, или тоа групно да го правиме,
бидејќи подобро ќе научиме да ги читаме македонските весници. И кога ќе
формираме здруженија во другите краишта ќе бидеме духовно побогати.
Инаку, во Пожаревац ја отпечативме книгата "Борбата на македонскиот
народ". Таа книга ја плати издавачот кој е Србин. Но, кога му велев на
македонскиот амбасадор да му откупи барем 50 примероци, ете на издавачот
нешто да му се исплати, не се направи ништо.
МС: Која е причината за слабата комуникација меѓу Македонската заедница и
амбасадорите што ја претставуваат Република Македонија во Белград?
ИЛИЕВСКИ: На нив поблиску им е дружењето со Србите и Друштвото за
македонско - југословенско пријателство, бидејќи во Србија и не е битно кој
е на власт, македонштината одамна умира. И тоа навистина штетно влијае за
Македонците. Се доживува како атак врз обичниот народ. Амбасадорите ја
спроведуваа политиката на македонскатаа влада која може да се окарактеризира
како полека, немој сега итн. Но, сакам да потенцирам на еден податок: во
последниве 10 години Македонците ги снемало за повеќе од 40 отсто. Ние сме
единствена малцинска заедница која не снемува и тоа не е демографска појава,
туку нешто друго. Во тие статистички податоци се укажува дека Македонците
заедно со Ромите имале најголем наталитет во Србија, но и најмалку се
иселувале. Тогаш покажете ми ја која е причината што ги снемува Македонците
од оваа земја. Значи тоа не се случува на демогравски план, причината има
друга основа.
Овој проблем никој не го интересира. Или на пример, во Панчево имаме само
еден пратеник. Што сакам да кажам? Во една книга за човековите права, која
им ја дадов на на македонските амбасадори, се вели дека Русините кои се
помалку од нас за два и пол пати, или Бугарите за 1, 7 пати, имаат 120
претставници во сите локални или виши функции во државната структура. Ние
сега имаме само пет.
МС: Колку Македонци сега живеат во Србија и Црна Гора?
ИЛИЕВСКИ: Според последниот попис кога не снемало за 40 отсто не има
25.840 Македонци.
МС: Освен класичното претопување, која е другата причина за помалата
бројка на Македонци што го изразуваат своето национално чувство?
ИЛИЕВСКИ: Македонецот нема никого пред себе, а нема ништо и позади
себе. Јас на еден собир што го организира Форумот за етнички и човечки права
во Србија реков дека Шешељ треба му се извини на македонскиот народ, бидејќи
во манастирот "Прохор Пчински" ги острани историските белези. Исто така,
констатирав дека Втората балканска војна е завојучачка, а тука се учи дека
таа била ослободучачка.
Јас ова можам да го потврдам со едно логичко прашање: против кого се
бореле и кого ослободувале? На тој собир ми го исклучија микрофонот затоа
што отворам опасна тема. Исто така, кога се зборува за Кирил и Методиј,
доживувам психолошки трауми, бидејќи за нив не се вели дека се Македонци или
солунски браќа, туку Грци. Тоа е доста необично, но и опасно. Потоа можам да
кажам дека многу Македонци се бореле во тогашната српска војска, во Втората
балканска војна. Во Србија никаде не се споменуваат загинатите Македонци од
таа војна. Во тие голготи многу Македонци загинале. Значи историчарите
мораат да работат, но и да бидат истрајни, бидејќи во оваа земја владее едно
мислење во кое се вели дека Србите не хранеле, дека секогаш сме биле јадни и
сироти.
МС: Кои се Вашите идни планови?
ИЛИЕВСКИ: Наша основна цел ќе биде да формираме совет на македонското
национално малцинство. Тој за нас е многу важен. Да не бидеме ислкучок од
останатите малцинства. Тој совет ни дава низа права што произлегуваат од
Законот. Со него ќе можеме медиски да се искажеме. Второ онаму каде сме
најмногубројни Пламниште, Јабука, Качарево, мора да се искористи Законот за
локална самоуправа. Сразмерно според бројот Македонците ќе можат да се
изборат за свои претставници во општините, во здравството итн. Односно,
Македонците треба да извлечат ќар од она што треба да го добијат.