ПОЛИТИКА

ДОСИЕ: Заговорот или предавството во Република Македонија од 2001 година (6)

ЗАДОЦНЕТА АКЦИЈА НА АРМ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Нема потреба да се драматизираат работите бидејќи она што се случува е локализирано во подрачјето на Танушевци и околината. Нема потреба зелено светло за интервенција да ни дава НАТО. Ние имаме врховен командант, Совет за безбедност и ќе реагираме во согласност со нашите закони и Уставот, потенцираше поранешниот шеф на македонската дипломатија Срѓан Керим.
  • На 5 март 2001 година Армијата презеде акција за уништување на албанските терористи стационирани во Танушевци. Во акцијата војниците на АРМ уништија осум бункери, шест снајперски и две митралески гнезда на албанските терористи во селото Танушевци, кон границата со Косово.

Кризата во 2001 година покажа колку безбедносните структури беа неподготвени за борба против албанските терористи кои беа уфрлани од Косово, а подоцна ги пополнуваа своите сили со месното население кое гравитира кон границата. Првите инциденти што се случуваа околу Танушевци можеа навреме да се спречат.

Но, задоцнетата реакција на АРМ и МВР овозможи терористите да се организираат и воено да се преструктуираат. Таквата тактика што ја спроведуваа екстремистите често пати беше поддржувана со силна пропагандна медиумска машинерија која работеше за зацртаната политичка цел.

МОБИЛИЗАЦИЈА

На почетокот од март месец 2001 година провокациите од страна на албанските сили кон безбедносните структури, кои се обидуваа да го изолираат непријателот, беа постојани и континуирани. Така на пример, по нападот на караулата Кодра Фура, терористите со снајперски оган нападнаа гранична патрола на АРМ. Македонските војници биле гаѓани додека патролирале по граничната линија во реонот на селото Танушевци. Истовремено, реонот го посети и поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Јован Андревски. Македонската војска, тогаш се подготвуваше за акција и затоа во тој дел од северната граница стационираше големо количество противпешадиско и артилериско оружје и воена опрема. На позициите околу Танушевци АРМ постави воени транспортери "бтр-70" вооружени со тешки митралези. Македонската војска на теренот веќе ги имаше маркирано сите објекти каде што беа сместени припадниците на паравоената група во селото.

Меѓутоа, на 4 март 2001 година загинаа тројца војници на АРМ. Дејан Јакимовски и Теодор Стојановски, војници на АРМ, и старешината Кирчо Димитриев, загинаа во два одделни инциденти на северната граница во реонот на селото Танушевци. По овие инциденти дојде до жестока престрелка во овој регион. Поради ова поранешниот македонски политички и воен врв побара итна седница на Советот за безбедност на ОН и воспоставување тампон-зона по должина на границата со Косово. КФОР испрати засилување во пограничниот појас кај косовското село Дебалде. Украинско-полски баталјон добил задача да спречи вооружени цивили кај Дебалде да ја минуваат границата. Но, во АРМ беше пукано и од Дебалде и од македонското село Малино. Граничните премини кон Косово Блаце и Јажинце беа затворени. Набргу македонската полиција го мобилизира резервниот состав.

Во врска со настаните кај Танушевци, поранешниот амбасадор на ОБСЕ во Македонија, Карло Унгаро, изјави дека организацијата би поддржала оружена акција на македонската полиција и армија против албанските екстремисти. Неговиот колега, екс американски амбасадор во Македонија, Мајк Ајник, изјави дека во зависност од ситуацијата на теренот, САД ќе ја поддржат воената интервенција на АРМ и КФОР. Владата во Тирана се огласи со соопштение во кое ги повика сите политички партии на Албанците во Македонија и на Косово да се оградат од дејствата на екстремистите и го искажа своето убедување во ангажираноста на меѓународната заедница за мирно решавање на проблемите во регионот.

Република Македонија побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, на која ќе побара воспоставување тампон-зона по должина на границата со провинцијата Косово за да се спречи секакво движење на вооружени лица, изјави Срѓан Керим кој во тој момент беше, шефот на македонската дипломатија.

Во меѓувреме македонскиот државен врв имаше средби со амбасадорите на членките на НАТО во Македонија и со поранешниот цивилен администратор на УНМИК Ханс Хекеруп и тогашниот командант на силите на КФОР, Карло Кабиџиозу, на која ја разгледаа актуелната ситуација.

Хекеруп изјави дека администрацијата и силите на КФОР максимално ќе соработуваат со Македонија за да се сочуваат мирот и стабилноста во граничното подрачје.

Како влада, одлучни сме во преземањето мерки за заштита на границите и суверенитетот на Македонија. Во предлогот на мерките со кои ќе излеземе пред Советот за безбедност бараме воспоставување тампон-зона. Во моментов не можам да кажам колку метри ќе биде широка таа зона. Најбитно е да биде сигурна и да се спречи секакво неконтролирано движење на вооружени групи, кои ја загрозуваат стабилноста, изјави Керим.

Тој рече дека Македонија е далеку од воена состојба.

Нема потреба да се драматизираат работите бидејќи она што се случува е локализирано во подрачјето на Танушевци и околината. Нема потреба зелено светло за интервенција да ни дава НАТО. Ние имаме врховен командант, Совет за безбедност и ќе реагираме во согласност со нашите закони и Уставот, истакна Керим. Тој рече и дека сега целта е преземање политички мерки, а за преземањето на другите мерки ќе решаваат надлежните органи.

УНИШТЕНИ ПОЗИЦИИ

На 5 март 2001 година Армијата презеде акција за уништување на албанските терористи стационирани во Танушевци. Во акцијата војниците на АРМ уништија осум бункери, шест снајперски и две митралески гнезда на албанските терористи во селото Танушевци, кон границата со Косово, соопшти поранешниот портпаролот на Министерството за одбрана, Ѓорѓи Трендафилов.

Не можам да кажам колкав е бројот на жртвите од спротивната страна затоа што не знам колкав број луѓе ги опслужувале овие воени позиции и објекти. На наша страна нема ниту еден повреден војник, истакна Трендафилов. Министерството за одбрана оценуваше дека бројот на вооружените терористи од другата страна е променлив и се движи од 150 до 300. Македонските војници забележале дека албанските екстремисти евакуирале жртви и ранети, кои настрадале откако силите на АРМ отвориле жесток оган од сите орудија кон селото, како одговор на снајперскиот оган во кој загина еден војник и на терористичкиот напад во која загинаа двајца војници. Но, албанските терористи повторно истрелале минофрлачки проектил кон набљудувачкото место "Кодра Фура". За среќа проектилот не ја погодил целта, туку завршил во блиската шума на околу 400-500 метри оддалеченост од набљудувачкото место на македонската војска. Трендафилов изјави дека на овие провокации и напади од екстремистите, македонските војници одговарале на соодветен начин.

Нашите војници пукаат кон непријателот само откако ќе утврдат од кои позиции тој дејствува. На овој начин војниците успеаја да ги уништат бункерите, снајперските и митралеските гнезда на терористите во Танушевци. Во следните неколку дена можеме да очекуваме дека албанските терористи ќе почнат да се повлекуваат од Танушевци. На одредени места по должина на северната граница македонската војска има распоредено свои војници на места за кои се претпоставува дека може да бидат искористени од вооружени лица од другата страна, изјави Трендафилов.

Ројтерс за акцијата на АРМ информираше дека вооружени лица, за кои се претпоставува дека се косовски Албанци што се бореле со македонските сили за безбедност околу селото Танушевци, почнале да се повлекуваат кон Косово. Екс портпаролот на американскиот контингент, Џим Маршал, изјави дека "многу луѓе" во црни униформи преминале во Косово, при што се пресоблекувале во цивилни алишта, а оружјето го оставале. КФОР се сомнева дека на косовска територија има повеќе депоа за оружје и униформи. Според изјавата на мајорот Маршал, во групата имало меѓу 70 и 150 лица, но не се знае колкумина од нив се повлекле. Портпаролот во американскиот контингент вели дека ќе ги разоружат и ќе ги затворат овие лица, а секоја база одделно ќе ја истражат. За понатамошните истраги ќе реши КФОР. Дотогаш Американците во Дебалде ќе бараат од цивилите да ги убедат вооружените лица да го предадат оружјето. Во седиштето на КФОР во Приштина ја потврдија таа информација, но тие велеа дека екстремистите се пресоблекуваат во селото, каде што го оставаат оружјето и во цивилни алишта преминуваат на косовска територија. Тогаш Макфакс јави дека неколку новинари на странски агенции биле во Дебалде, при што добиле заштита од американските војници. Тие велат дека во престрелката кај Танушевци меѓу припадниците на АРМ и екстремистите, можеле да ја гледаат како на дланка.

Единствено можам да потврдам дека во неделата вечер се уапсени двајца косовски Албанци во униформи, кои дошле од македонска територија, но кај нив не е пронајдено оружје, изјави поранешниот портпарол на американскиот контингент мајорот Ричард Пакит.

Двајцата Албанци се затворени во базата Бонд стил. Командата на Мултинационалната бригада-исток добила наредба од командантот на КФОР на Косово, Карло Кабиџиозу, за 72 часа да ја "исчисти" границата од косовската страна, велеа извори во КФОР.

Бригадата Исток испрати дополнителни војници на теренот и воспостави неколку контролни точки, вклучувајќи ја и таа кај Генерал Јанковиќ. Во Дебалде, пак, задачите на американските војници се да спречат движења на униформираните лица кон позициите, истакнуваше мајорот Пакит.

Поголем дел вооружени екстремисти што се наоѓаа во селото Танушевци се повлекле во Косово и според сознанијата на македонската војска, подготвуваат акции слични на оваа на други локации по должината на македонско-косовската граница, соопшти поранешниот портпарол на Министерството за одбрана, Ѓорѓи Трендафилов.

Нашите претпоставки за сценарија слични на Танушевци се потврдуваат со засилената медиумска пропаганда низ светот насочена против Република Македонија. Во информациите на некои светски агенции за Танушевци може да се забележи дека додека оди текст за ситуацијата во селото и реонот, се прикажуваат фотографии и снимки на воени средства, конкретно тенкови, какви што нашата армија воопшто и не поседува. Сето тоа е злонамерно бидејќи снимките и фотографиите се направени во други кризни реони во светот и на нив се прикажани други војници. Според наши сознанија, во одредени градови и болници на Косово се собираат тела на скоро умрени лица, претежно жени и деца, и потоа нивните тела се префрлат на територијата на Република Македонија за да се исценира дека македонските безбедносни сили вршат агресија врз албанското население во земјава, изјави Трендафилов.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"